Француската полиција го уапсила мажот кој е осомничен дека со автомобил налетал утрото на група војници кои џогирале во близина на базата во местото Варс-Алиер-е-Рисе во централна Франција, објавија француските медиуми.
Полицијата трагаше по возачот кој утрото возејќи покрај војниците на 93. артилериски планински пук ги навредувал на арапски јазик, заканувајќи им се со смрт, по што се обидел да ги прегази, а војниците во обид да се спасат скокнале во ендекот покрај патот. По инцидентот возачот побегнал, а во областа Изер биле распоредни безбедносни сили, кои тргнале во потрага по него, пренесоа француските медиуми.
Инцидентот се случува неколку дена откако терорист на југот на Франција уби четири лица во супермаркет, наведе Ројтерс. Останува нејасно кој бил мотивот на напаѓачот, дали се работи за лична пресметка, терористички чин или нешто трето.