ВИДЕО – Сторија со последните прилепски занаетчии – занаетите наголемо изумираат, младите не се заинтересирани за работа

Звукот од ударот на чеканот на наковалната е еден од ретките елементи во старата прилепска чаршија кој е жив сведок за едно минато време кога низ овие сокаци постоелe бочвари, кујунџиии, ортомџии, дограмаџии, ковачи. Денес се бројат на прсти занаетите кои му пркосат на модерното време. 47 годишниот Зоран Михајлоски е последниот ковач не само во Прилеп туку и во целиот поширок регион. Имал муштериии од сите околни градови.

 

 

„Доаѓаат од Прилеп, од Битола, од Крушево, од Кавадарци, таму незнам дали има ковач, но и од таму имам муштерии. Ковачкиот занает е тежок, но сепак од него може да се живее. Нема да станеш богат, но ќе имаш за еден среден живот. А изумира бидејќи младите не салаат да работат, не се заинтересирани, а иима потреба, ние сме земјоделски крај, така што мора некои работи да се завршат на ковач“, вели Зоран Михајлоски, ковач.

 

Со ковачкиот занает се занимава веќе 20 години, а го наследил од таткото на неговата сопруга. Од тогаш секој ден е во овој дуќан кој постои повеќе од 100 години. Михајлоски тука претежно кова секири и разни други алати.

 

„Обично како ковачи ние работиме земјоделски алатки, секири, лопати, мотики, но повеќе одиме на поправка, за ново помалку, бидејќи сега луѓето сии купуваат фабрички произведени алатки. Најчесто правиме наше производство помали секирчиња кои не се продавата на друго место“, додава Михајлоски.

 

 

 

Освен муштериите често пати го постувале и многубројните туристи од целииот свет кои доаѓаат во Прилеп.

 

„Доаѓаат туристи од секаде, сакаат да се сликаат со мене, комуницираме колку што можеме да се разбереме, но сепак е интересно“, рече Михајлоски.

 

За жал Михајлоски нема наследник. Вели дека оваа работилница ќе постои се додека е способен да го работи овој занет, засега немало кој да го замени. Има само еден помошник.

 

„Јас се гледам себеси тука. На ниту едно друго место. Незнам што ќе биде утре, но мојата работа е тука“, истакнува Михајлоски.

 

„Старите занаети измурираат бидејќи децата млади не сакаат да работат, ги нема И нема кој да продолжи. Младите бараат полесна работа. Замиинуваат во странство, веќе и се заминати“, истакнува Рубин Трајкоски, помошник ковач.

 

 

Уште пожална е приказната на 82 годишниот дограмаџија Илија Јованоски кој има дуќан веднаш до оној на Михајлоски. Тука работел од 1952 година, но во последно време немал воопшто работа. Вели дека доаѓа секој ден да го отвори дуќанот, не оти има муштерии туку од навика и од жал за една помината младост и едно убаво време. Јованоски вели дека за жал и тој нема наследник.

 

„Сега скоро и да немам работа. Ништо не работам, само го губам времето. Отворам од навика, а занаетите изумираат бидејќи сега такво е времето. Еве на пример ние правевме дограма, врати, прозорци, но со алуминиумската дограма сега никој повеќе не сака да купи дрвена“, раскажува Јованоски

 

 

 

Стакларот Јован Колески е третиот и последен занаетчија во редот на оваа улица. И тој за жал вели дека нема наследник.

 

„Тежок занает е, не е лесен, но мора да се работи. Немам наследници, децата завршија училиште. Нема кој да го продолжи занаетот. Дури можеме ќе работиме. Не се наоѓаат деца за работа. Младите не сакаат да работат. Ние изработуваме претежно стакло за на маса, слики, рамки и слично“, вели Јован Колески, стаклар.

 

 

Но и покрај се сепак старата прилепска чаршија, била ии останала храм на мајтапот, каде се раѓа шегата и смеата, каде се забораваат проблемите и каде живее пријателството.

 

„Без мајтапот не се може. Без смеа неможе да помине еден ден, морра да се насмееме, така што си врват деновиве. Нема лутенка во мајтапот, еднаш ти ќе направиш смеа, друг пат тој и така“, нагласува, ковачот Михајлоски.

 

Ги напуштивме овие занаетчии со надеж дека сепак можеби младите еден ден ќе започнат да се враќаат кон занаетите и дека овие луѓе нема да бидат последните носители на духот на стариот Прилеп.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи