Иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф истакна дека имал многу добра и конструктивна средба во Брисел со шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и додаде дека е оптимист дека иранските интереси во нуклеарниот договор ќе бидат заштитени и покрај излегувањето на САД од истиот.
„Тоа беше убав и конструктивен состанок. На вистински пат сме да обезбедиме интересите на другите потписнички, посебно на Иран, да бидат гарантирани“, рече Зариф.
Брисел е последната точка од турнејата на Зариф која има за цел зачувување на меѓународниот нуклеарен договор постигнат во 2015 година меѓу Техеран и светските сили по повлекувањето на САД од него.
Неговата средба со Могерини е подготовка за поголемата дискусија која ќе се одвива вечер и на која ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Британија, чии земји се потписнички на договорот.
Трамп на 8 мај истакна дека САД се повлекуваат од Иранскиот нуклеарен договор. Иран потврди дека ќе остане верен на договорот од 2015 година и покрај излегувањето на САД од истиот и се надева дека и покрај ограничените можности, Европа ќе се обиде да го заштити договорот.