Аргентинскиот волшебник Лионел Меси повторно ги помести границите во фудбалот. Откако прв успеа да стигне до пет „Златни топки“, сега ѕвездата на Барселона стигна до пет „Златни копачки“.
Меси до ова признание дојде откако оваа натпреварувачка сезона ја тресеше мрежата 34 пати на 36 одиграни натпревари во шпанскиот шампионат, што беше доволно не само да биде најдобар стрелец во Шпанија, туку и воопшто во Европа со вкупно 68 поени.
Напаѓачот на Барса, успеа да му избега на играчот на Ливерпул, Мухамед Салах кој успеа да постигне 32 погодоци (64 поени) и на Хари Кејн од Тотенхем кој постигна 30 погодоци (60 поени).
Во последните девет сезони, Меси само еднаш не беше меѓу најдобрите двајца европски стрелци. Аргентинецот ја освојуваше „Златната копачка“ во 2010, 2012, 2013, 2017 и годинава. Ниту еден друг фудбалер ја нема освоено оваа престижна награда петпати.