Владата бара консултанти за продажба на „Еурокомпозит“, „Колска“ и ски центарот „Попова Шапка“

Владата бара консултанти за да ги продаде трите државни компании, фабриката за шински возила „Велес“, позната како „Колска“, прилепски „Еурокомпозит“ и ски-центарот „Попова Шапка“. Оваа услуга ќе ја чини државата 244 илјади евра. Критериум за доделување на договорот за консултантски услуги ќе биде најповолната економска понуда, при што цената ќе учествувала со 60 бодови, а квалитетот со 40.

 

Од Владата велат дека фирмата која ќе го добие тендерот треба понуди три модели за продажба на овие компании, а Владата ќе одберела еден. Консултантите ќе треба да ги утврдат сопственичките удели во фирмите, долговите, кредитите, како и загубите. Дополнително ќе треба да се увидат и тековните судски спорови кои се водат против овие три фирми како и спорови со државни институции и органи на власта.

 

Инаку состојбата во овие фирми со години е неизвесна. Вработените од велешка „Колска“ често пати за да добијат плата мораат да ги блокираат возовите. Додека пак 260 вработении во прилепски „Еурокомпозит“ немаат земено 17 плати, а придонесите не им се платени од јуни 2012 година.

 

Последниот штрајк кој го организираа со шатори пред Владата на 3 мај беше прекинат со уверување од страна  на премиерот Заев дека во најбрз можен рок ќе се започне со постапка за прогласување на технолошки вишок на 100 вработени и во рок од максимум 3 месеци да се продаде фирмата на странски инвеститор.

 

Од синдикатот велат дека во тек била постапката за прогласување на технолошки вишок на околу 100 вработени, а се малку скептици дека „Еурокомпозит“ ќе се продаде во наредните 2 месеци.

 

Новиот генерален директор пак Златко Граороски, кој беше назначен на 21 мај, сеуште нема остварено никаква средба со медиумите за да каже кои се неговите планови за компанијата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien