Почнува кампањата „На секое дете му треба семејство“

Со пораката „Дали имате љубов за давање“ денеска на плоштадот „Македонија“ Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ ќе ја почнат кампањата „На секое дете му треба семејство“, чија цел е граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да се мобилизира поддршката за решенија за грижа за деца во семејно опкружување на ниво на заедницата, наспроти институционално згрижување.

 

Како што соопшти Министерството за труд, иницијативата е дел од заложбите на Владата да обезбеди услови за секое дете без родителска грижа во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина.

 

„Институциите, за жал, не се добра форма за децата да растат внатре. Секое дете треба да расте во семејство или најблиску до топлината на едно семејство, затоа што само така ние ќе го искористиме максималниот потенцијал на сите деца во нашата држава“, изјави Царовска.

 

Таа ги повика сите граѓани што имаат љубов да ја споделат и да придонесат во системот на социјална заштита, да се регистрираат како згрижувачи и да поминат обука, да добијат дете и за него да се грижат додека тоа не порасне, бидејќи како што рече, таа љубов секогаш се враќа.

 

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс рече дека со кампањата сакаат да помогнат да се мобилизира доволен број згрижувачки семејства, кои имат љубов за давање на децата, кои во моментот се сместени во институции и да се создаде широка мрежа на семејства што се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата на кои може да им треба згрижување во иднина.

 

Тој посочи дека во следните два месеца ќе се организираат отворени денови во 30 градови преку центрите за социјална работа и СОС Детско село, за да им се даде на граѓаните низ целата земја можност да дознаат повеќе и да станат згрижувачки семејства.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.