Протести во Грција за „зачувување на грчкиот карактер на Македонија“

Повеќе илјади Грци вчера протестираа во 23 градови низ целата земја против компромис меѓу Атина и Скопје во 27 годишниот спорот за името. Тие сметаат дека името „Македонија“ им припаѓа само ним.

 

Протестот, организиран од комитет поддржан од грчката дијаспора, свештеници и дел од градоначалниците, се одржа претежно во градови во северна Грција. Помали собири имаше во централна Грција и на островите Крит, Родос, Крф и Кос.

 

Околу 2.000 луѓе се собраа во Пела, родното место на македонските антички кралеви Филип и Александар, но организаторите се надеваа на најмалку двојно повеќе.

 

На протестите преовладуваа транспаренти со пораката „Македонија е грчка“, „Почитувајте ја нашата историја“ и голем број грчки национални знамиња. Повеќето демонстранти велат дека никогаш нема да прифатат соседната земја да го користи името Македонија.

 

„Има само една Македонија и таа е во Грција“, беше нивниот став.

 

Претходно, македонското министерство за надворешни работи ги предупреди граѓаните на Република Македонија да бидат претпазливи во врска со протестите поради опасност од ескалација.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.