Нинџа сам се пријавил во Кривичен

Кривичниот суд денеска потврди дека Александар Василевски – Нинџа, еден од осомничените за насилствата во Собраниетона 27 април 2017 година, сам се пријавил во судот и  откако го примил решението за притвор е упатен во истражниот затвор.

 

„Тој сам се јавил во судот, кај судија на претходна постапка. Го примил решението за притвор одреден во негово отсуство и согласно тоа решение е уптен во истражниот затвор Скопје“, информираат од Кривичниот суд.

 

Нинџа беше во бегство, откако минатата година во ноември беше отворена истрага за инцидентот.

 

Според обвинителството, тој мобилизирал луѓе и потоа им делел фантомки за да го заштитат идентитетот. Екипирањето Нинџа го започнал откако добил повик од Виена. Случајно или не, во Австрија на службен пат на 27 април лани беше тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

 

Според обвинителството, на Нинџа му се јавил еден од телохранителите на Груевски, разговор кој лично екс-премиерот го потврди и посочи дека бил од семеен карактер, односно  Нинџа и неговиот обезбедувач биле браќа. Инаку, пред Василевски, сам се предаде и неговиот другар, Никола Митревски Кољо, кој беше во бегство откако обвинителството за организиран криминал започна со острага за 27 април лани.

 

Според веб-страницата на МВР за потраги, сè уште недостапни за полицијата се Дејан Давидовски и Митре Питроповски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.