Дескоска: Европските стандарди се потреба на граѓаните, а не само услов за пристапни преговори со ЕУ

Реформите ги правиме за подобрување на човековите права, за создавање на систем на владеење на правото, затоа што европските стандарди се потреби на граѓаните на Република Македонија, а не само услов за пристапни преговори со Европската Унија, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска на средбата со амбасадорите на земјите – членки на ЕУ.

„Кога ќе се загуби довербата во институциите, најтешко е таа да се врати. Секако, не можеме да очекуваме тоа да се случи преку ноќ, но ќе го ставиме судството на вистинскиот пат“, истакна Дескоска.

 

Дескоска ги информираше амбасадорите за тековните реформски активности, како и за плановите за идни активности во приоритетните области – правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, забрзување на административните постапки и унапредувањето на човековите права во Република Македонија.

 

Министерката за правда воедно најави дека во претстојниот период ќе следат бројни и значајни законски измени од приоритетните области кои ќе бидат спроведени во консултација со компетентни лица од областа на судството и обвинителството, експертската јавност и граѓанскиот сектор, а за кои ќе се бара широка поддршка од политичките партии претставени во Собранието на Република Македонија, се вели во соопштението на Министерството за правда.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.