Милошоски: Се изигрува процедурата за ратификација на договорот

Во Европа не постои парламент каде што се прескокнува Комисијата за надворешна политика за да се ратификува билатерален или меѓународен договор, реагира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, откако од владата соопштија дека договорот за името со Грција е пуштен во Собранието со европско знаменце.

 

Милошоски претседава со собраниската Комисија за надворешна политика, низ која требаше да помине договорот со Грција, пред да биде ратификуван на пленарна седница. Меѓутоа, со оглед на тоа што владата го означи договорот со европско знаменце, тој сега се „сели“ во Комисијата за европски прашања, со која претседава Артан Груби од ДУИ и каде што расправата ќе биде ограничена на максимум три дена.

 

Според Милошоски, на овој начин владата, во недостаток на аргументи за постигнатиот договор со Грција, ја злоупотребува, како што вели, својата позиција за да ја протурка ратификацијата во парламентот со што помалку расправа.

 

„Со тоа се изигрува процедурата за ратификација на договорот и се прескокнува матичното собраниско тело,  слично како што беше направено со Законот за употреба на јазиците. Такви  преседани не се случуваат во други парламенти. Доколку договорот одеше преку матичната комисија, расправата таму можеби ќе траеше два или, пак,  дванаесет дена…, ама барем ќе се слушнеа сите аргументи. На овој начин, пак, се оневозможува поиздржана расправа за договорот“, изјави Милошоски.

 

Ратификацијата на договорот  во парламентот е услов што треба да го исполнат македонските власти, за потоа грчката страна да ги извести ЕУ и НАТО дека е надмината најголемата пречка за продолжување на интеграцискиот процес на Македонија. Во овој случај, битно е тоа да се случи пред почетокот на самитот на Европскиот совет на крајот на месецов, со оглед на очекувањата нашата земја да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.