Неофицијално дознаваме дека од пред 2 дена вработените во прилепски „Еурокомпозит“ се повторно во штрајк. Вработени во оваа државна компанија кои сакаат да останат анонимни потврдија дека штрајкот се одвива само во кругот на фабриката и стопиран бил производствениот процес. Главна причина било тоа што за месец мај добиле само 7.000 денари плата, од потребните околу 14.000 денари.
Директорот Златко Граороски ниту го потврдува штрајкот, ниту пак ги демантира овие информации, телефонски само ни истакна дека интензивно се работело на решавање на проблемите кои со години се создавале во „Еурокомпозит“.
Вработените велат дека доколку до крајот на денот не добијат плата, од понеделник повторно ќе го радикализираат штрајкот и планирале повторно да одат со шатори пред Влада. Револтирани се на тоа дека освен проблемите со платата воопшто не била започната ниту постапката за технолошки вишок.
На последната средба која во мај ја имаа со премиерот Зоран Заев им беше ветено дека во рок 3 месеци ќе се реши нивниот проблем, а 100 вработени ќе заминат технолошки вишок. Досега поминаа скоро 2 месеци, а вработените велат дека ништо не било превземање околу решавање на проблемите.
Инаку вработените немаат земено 17 плати и не иим се платени придонесите од јуни 2012 година.