Во Долнени почна Семинарот за изучување на изворните инструменти и песни

Денеска во спомен куќата на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ во Долнени почнува петдневниот семинар за изучување на изворните инструменти и песни. Семинарот е во рамките на Фестивалот кој по 44-ти пат ќе се одржи в петок и в сабота, на 29 и на 30 јуни во Прилеп и на Рудина кај Долнени.

 

На Семинарот 10-ина ученици од основното училиште во Долнени ќе работат со етномузикологот Горан Василески кој ќе им ги открива тајните на изворните песни и инструменти. Според Василески, семинарот стана традиционален и ја нагласува една од главните цели на Фестивалот.

 

„Една од најбитните цели е зачувување и пренесување на богатото вековно изворно творештво на новите генерации. Семинарот тоа го прави упатувајќи ги младите во начинот на изворното пеење и музицирање. Задоволство е да се работи и да се пренесува народното творештво, а интересот постои, вели Василески.

 

 

Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ ќе се одржи в петок и в сабота во Прилеп и на Рудина кај Долнени. Околу 250 изведувачи на народните инструменти, на гајда, тапан, кавал и исполнители на изворни песни ќе учествуваат во двете фестивалски вечери. Селекторот и уметнички директор професор Родна Величковска вели дека селекцијата е направена од околу 700 заинтересирани.

 

„Можностите и условите не овозможуваат сите да учествуваат, а тоа сите би го сакале. Мора да се ограничи бројот. Во секој случај ќе уживаме во изворното творештво кое се одржува со векови, а секако овој фестивал, единствен од ваков вид во земјава, се грижи да се зачува богатиот изворен фолклор во чистиот облик каков што е создаван одамна од народот, вели Величковска.

 

Фестивалот ќе биде отворен в петок од 20 часот на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп кога ќе настапат дел од учесниците. Главната натпреварувачка вечер е в сабота од 18 часот на Рудина кај Долнени, лулката на Фестивалот. Жири комисија ќе ги оцени и ќе ги прогласи најдобрите изведувачи на народни инструменти и песни. Ќе бидат доделени Гран при наградата за најдобри изведувачи и гајдата на Пеце Атанасовски за најуспешниот гајдаџија што традиционално ја доделува општина Долнени.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien