ВИДЕО – Уметниците од Македонија и странство создаваат врвни креации во работилниците на ЦСЛУ – Прилеп

Триесетина уметници од Македонија и странство и годинава создаваат врвни креации во работилниците кои ги негува Центарот за современа ликовна уметост од Прилеп како што се : Интернационалната сликарска колонија која што годинава се одржува по 61-ви пат, скулпторскиот симпозиум во мермер кој годинава одбележува јубилеј од 55 години, опфатени се и интернационалното атеље за фотографија, интернационалното атеље за скулптура во дрво, а во метал ќе работи еден локален уметник. Ова децениско одржување и промоција на уметноста претставува особена гордост не само за Прилеп туку и за Македонија. За 6 децении изработени се над 1.500 дела во сите работилници кои ги опфаќа Центарот. Уметнички дела на ЦСЛУ Прилеп може да се најдат во најрепрезентативните инстититуции во Македонија како што се Собранието на РМ, вилата на Претседателот, во Владата, во вилата на Премиерот, Министерство за култура, МНР, Министерство за финансии, Општина Прилеп, Мермерен комбинат Прилеп, а скулптури има поставено и во Скопје и Битола. Работилниците и колониите на ЦСЛУ Прилеп се едни од најстарите во светот.

 

 

Уметниците велат дека им е особена чест и задоволство што се дел од една ваква манифестација која што е позната во светски рамки.

 

„По втор пат учествувам на оваа колонија, и чест ми е што после 8-9 години истата колонија повторно ми искажа доверба да го изразам она што го носам во себе како емоција. Иднината на оваа колонија ја гледам во тоа да се собираме што е можно повеќе уметници, да се дружиме, да споделуваме искуства. Навистина одамна не сум видела на едно место толку многу уметници, со различни изрази и печати и навистина е интересно да се споделува искуството со нив. Ние години наназад разговараме дека некако сме маргинализирани, особено овој дел од уметноста кој што е специфичен нема многу публика, нема многу интерес од младите, не е некоја манифестација каде се собираат многу луѓе и најверојатно тука треба државата или некои институции да помогнат со промовирање со што би се приближиле кон ликовната публика која што е подзаборавена на овие простори“, вели Сања Јездиќ, уметник

 

„Настојувам и сакам колонијава да продолжи да се одржува, и пред се да се активираат и да работат младите уметници. Деца, средношколци, основци. Мислам дека Прилеп е град на уметноста и треба да се негува уметноста. Ова е гордост и за Македонија и за надвор во светот“, истакна Павлина Илиеска, уметник.

 

 

 

 

 

Уметниците велат дека државата треба повеќе да ги поддржи сите работилници на ЦСЛУ Прилеп затоа што тие се вистински репрезент на Македонија пред светот. Дел од нив колонијата ја гледаат како дополнително училиште за уметност каде споделуваш искуства со врвни уметници од целиот свет.

 

„Чест ми е да бидам дел од една ваква колонија. Жално е тоа што ова било прекинато. Со вакви манифестации и колонии може нашата држава да се претстави пред светот. Ако сакаме нешто да создаваме тоа може да го направиме со уметноста, со спортот, со музиката. Би сакал државата и пред се општината да не поддржи, за да може да се претставиме и надвор од границите. Навистина ми е мило што оваа година за прв пат сум дел од една ваква колонија“, изјави Ферди Булут, уметник.

 

„Кога бев средно уметничко училиште за прв пат дојдов да ја посетам ликовната колонија бидејќи имав слушнато дека мојот град има колонија која има подлабока традиција. Сакав да бидам дел од тој свет на уметноста и да видам како работат уметниците, особено тоа што тука доаѓаат уметници буквално од целиот свет, не интернационална во балкански услови туку буквално на светско ниво. Тоа беше мое прво учество како ученик. Оваа колонија мене многу ми значи бидејќи ми беше еден вид како доедукација. На училиште учевме за одредени закони на уметноста кои треба да се практикуваат, а тука имав можност да видам некои работи кои се употребуваат после завршувањето на училиштето. Мислам дека она што е важно за Прилеп е тоа што уметниците може да се изразат тука во својот сопствен град, да искомуницираат со уметници од целиот свет и да споделат искуства“, рече Александар Џинго, уметник.

 

 

 

 

 

Посебен акцент годинава ќе биде ставен на 55 годишното опстојување на Интернационалниот скулпторски симпозиум во мермер, кој започнал од 1963 година и трае се до денес. Овој јубилеј ќе биде одбележан на 29 јуни. Во  симпозиумот оваа година ќе земат учество Giuseppe Strano Spitu – Шпанија, Марина Стопоња – Хрватска, Татјана Каравелиќ – Србија, Милија Стојановиќ – Црна Гора, а од Македонија Давид Атанасоски и Никола Смилков.

 

„Мене ми претставува огромна чест и задоволство што лани прославивме еден огромен јубилеј 60 години од интернационалната сликарска колонија, а веќе годинава одбележуваме 55 години скулпторскиот симпозиум во мермер, бројки кои воопшто не се за занемарување. Сакам да искажам голема благодарност до градоначалникот Илија Јованоски, заменикот министер за култура Владимир Лазовски, Витаминка и посебна благодарност до Мермерен комбинат Прилеп кој годинава после неколку години пауза повторно ни ги отвори вратите уметниците да творат во фабриката. Мене лично, а посебно на прилепчани им претставува огромно задоволство што може да се пофалат со едно вакви јубилеи. Ние ќе се потрудиме да го продолжиме ова и во наредните години, децении, а се надевам дека идните генерации ќе дочекаат да прославиме и 100 години. Исто така сакам да искажам една огромна благодарност до сите уметници кои изминативе години придонеле Прилеп и Центарот за современа ликовна уметност да можат да се пофалат со една ваква збирка, каде веќе имаме поставено во градот околу 100 скулптури на отворено и еве годинава фондот ќе биде уште побогат за уште околу 10-тина скулптури. Се надевам дека и во иднина ќе продолжиме со нашата општествена одговорност, која што е и наша цел, да придонесуваме со развојот на ликовната уметност како за Прилеп така и за Македонија“, вели Горан Ристески, претседател на ЦСЛУ Прилеп.

 

 

Ова е еден од најстарите скулпторски симпозиуми во мермер во светот и можеби единствен кој континуирано се одржува 55 години. Скулпторите се воодушевени од прилепскиот бел мермер Сивец.

 

ВИДЕО СКУЛПТОРСКИ СИМПОЗИУМ ВО МЕРМЕР

 

 

 

„За прв пат сум на оваа колонија, морам да потенцирам дека луѓето тука се навистина дружељубиви, ми се допаѓа мермерниот комбинат тука. Имаме одлични услови за работа. Јас изработувам една современа форма која ќе се држи до геометриските елементи, некое спротивставување на органско-геометриските форми“, рече Татјана Каравелиќ, скулптор од Србија.

 

„Многу ми е мило што сум тука во Прилеп бидејќи веќе 20 години го употребувам токму мермерот од типот Сивец за моите скулптури. Работам на некаков циклус на „Перници“ и тука ќе имам случна форма на овој симпозиум. Мене тука ми е како во рајот, толку многу има од мермерот кој го сакам, прекрасно опкружување. Атмосферата е одлична, секогаш има интересни луѓе оде целиот свет, се е позитивно“, вели Марина Стопања, скулптор од Хрватска.

 

 

 

 

„Прв пат сум во Македонија и на овој симпозиум, мило ми е што сум тука, веќе имав прилика да работам на ваков прилепски мермер и тој ми е еден од најдрагите мермери. Се чувствувам одлично тука, добра е атмосферата, луѓето се одлични. Замислив една скулптура во некој мој стил. Се работи за модерен облик на еден вид на куфер и ќе биде препознатливо како моите претходни скултури“, кажа Милиј Стојановиќ, скулптор од Црна Гора.

 

„За прв пат сум тука, многу сакам да работам со овој племенит материјал, во моментов сум во делот на полирање и ќе видиме како ќе се одвива работата понатаму“, истакна Giuseppe Strano Spitu, скулптор од Шпанија.

 

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, изјави дека особена чест и задоволство му било да биде во дружба на уметниците.

 

„Годинава акцент се стави на скулпторскиот симпозиум во мермер кој одбележува 55 години од своето постоење. Од 1963 година откако започнал со работа овој центар има направено над 200 скулптури во мермер кои што се поставени низ градот Прилеп и тоа личи како една галерија на отворено. Општина Прилеп секогаш дава посебна поддршка ваквите уметнички работи и оваа година одвоивме финансиски средства за Ценарот за современа ликовна уметност. И во иднина мислам дека ќе прават вакви колонии и дружења. Особена чест и задоволство ми е да бидам во дружба на овие уметници“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

 

Од Мермерниот комбинат кој и годинава е еден од покровителите на симпозиумот изјавија дека спојот помеѓу уметникот и белиот прилепски мермер секогаш создава фасциинантни креации.

 

„Тука имаме една фасцинантна ситуација, ако го земеме во предвид нашиот бел Сивец и уметнициите кои доаѓаат од целиот свет и кога нивната имагинација и фантазија ќе ги поврземе со прекрасниот бел Сивец секогаш доаѓаме до резултати кои не изненадуваат, што претставува една придобивка не само за градот туку и пошироко за уметничкиот свет“, вели Периклес Николау, извршен директор на Мермерниот комбинат Прилеп.

 

Досега на симпозиумот се создадени над 200 скулптури.

 

„Досега имаме околу 200 скулптури од кои 120 се монументални, парковски формат кои се изложени во Прилеп, Битола, Скопје и други градови. Интересот бил отсекогаш голем од страна на уметниците за учество на овој симпозиум. Постојано се пријавуваат дополнителни учества и се надевам дека и во иднина ќе продолжиме до нашата општествена одговорност за да ја приближиме уметноста до обичниот граѓанин. Се надевам дека и во иднина ќе имаме можност, добра соработка и средства да ги опфаќаме сите работилници кои центарот ги негува“, вели Горан Ристески, претседател на ЦСЛУ Прилеп.

 

55 годишнината од скулпторскиот симпозиум во мермер ќе се одбележи свечено во петок на 29 јуни во центарот за култура Марко Цепенков.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien