Земји на ЕУ формираат сили за брза интервенција

Девет земји на ЕУ се договорија да формираат европски воени сили што ќе може брзо да се распоредат и да интервенираат при кризи во близината на европските граници.

 

Силите, кои се познати како Европска иницијатива за интервенирање (ЕИИ) и се поддржани од францускиот претседател Емануел Макрон, ќе им овозможат на членките на коалицијата да дејствуваат независно од структурите на НАТО и на ЕУ. Британија ја поддржува иницијативата во обид да ги задржи одбранбените врски со ЕУ и по брегзит.

 

Писмо на намери во понеделникот во Луксембург потпишаа министрите на Франција, Германија, Белгија, Британија, Данска, Холандија, Естонија, Шпанија и на Португалија, а Италија допрва треба да донесе одлука дали ќе учествува.

 

„Убедени сме… дека ние Европејците треба да бидеме силни, способни секогаш да направиме повеќе, во состојба да се заштитиме себе и нашиот суверенитет“, кажа министерката за одбрана на Франција, Флоранс Парли.

 

Потегот првично предизвика загриженост во НАТО, поради преклопувањето на улогите и дистанцирањето на сојузниците од САД, но генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, сепак го поздрави формирањето на силите.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.