Условени преговори за Македонија во јуни 2019

Европскиот Совет реши на Македонија и на Албанија да им ја отвори вратата за членство во Унијата. И двете земји, добија условен датум за отпочнување на преговорите кои според заклучоците треба да бидат отворени во јуни 2019.

 

Македонија дотогаш треба да ги исполни барањата на Брисел за спроведување на реформите во судството, во тајните служби и во јавната администрација и да ја зајакне борбата против корупцијата. На Самитот во Луксембург беа поздравени напорите на Македонија направени во сите сфери, вклучувајќи го и Договорот со Грција за кој Брисел очекува целосно да биде имплементиран.

 

Комесарот за проширување Јоханес Хан соопшти дека Европската Комисија нема да го чека наредниот јуни и дека процесот на скрининг на Македонија ќе започне веднаш. Во изјава за медиумите, австрискиот министер за Европа рече дека и Македонија и Албанија треба да ги исполнат зададените услови, но и дека ова донесената одлука е значајна за перспективите на двете земји и на нивните граѓани.

 

„Ова е силен сигнал и задоволен сум што дојдовме до заклучоци, бидејќи требаше да ја испочитуваме работата што ја завршија овие земји од Западниот Балкан за членство во Европската Унија и ова е добар сигнал”, изјави Гернот Блумел, австриски министер за Европа.

 

Одлуката на Европскиот Совет ја поздрави и македонската Влада. Премиерот Заев изјави дека ова е уште еден голем ден за Република Македонија и уште едно големо признание за нашата земја.

 

„Европската унија и лидерите на сите земји членки ја препознаа Република Македонија како земја на позитивни промени, држава која со силна, добронамерна политичка волја ги решава споровите со соседите и земја на граѓани кои покажаа дека имаат јасно изразена визија за европска иднина. Патот на реформи и градењето на нашата земја како држава по европски правила, е неповратен процес. Остануваме на реформскиот курс. Пред нас имаме конкретна цел. Сега граѓаните на Република Македонија можат да кажат силно и слободно – Да, за Европска Македонија! Силно „Да“ за македонската иднина, за нашата заедничка иднина“, напиша Заев на Фејсбук.

 

Инаку, Франција и Холандија, според инфромациите одбивале секаков датум за преговори за Македонија и за Албанија, но по напорни дискусии пронајден е компромис, сепак да биде внесен датум, но условен. Според заклучоците кои ги донесе Советот на министри, доколку Европската Комисија позитивно го оцени реформскиот прогрес на Македонија, во јуни 2019, ќе биде определен точен датум за првата меѓувладина конференција, која фактички ќе значи отворање на преговорите.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.