Велосипедска работилница на Јавен Простор Прилеп во соработка со Прилеп на Точак

Пред градската Саат–кула, Јавен простор Прилеп, во соработка со ПрилепНаТочак, ја одржаа денес првата едукативно–рекреативна детска велосипедска работилница.

 

Ѕвонко Димоски од Јавен простор Прилеп рече дека ова е првата соработка со ПрилепНаТочак, а оваа идеја ќе биде работена во циклуси, по еднаш месечно во наредните три месеци.

 

„Денешната работилница во соработка со здружението на граѓани ПрилепНаТочак ја работиме како дел од идејата „Јавен простор Прилеп“, идеја која што ја покренавме неколку луѓе од градот, за заживување на централното градско подрачје и за нудење на неколку идејни решенија како јавниот простор може да се користи. Веќе имавме креативни пазари, следниот е во среда, ќе имаме и книжевни саеми, игранки, часови по јога, дебати и многу други случувања. Ова ни е првата соработка со ПрилепНаТочак, Креативна детска работилница за велосипедизам, управување на велосипед, сигнализација, правила за велосипедизам. Идејата е да ја правиме во циклуси, секој месец по еднаш во наредните три месеци. Исто со нив ќе имаме и велосипедски тури до локалитети надвор од градот, кои исто така ќе бидат работени на интерактивен начин. Основната идеја е да ги вклучиме граѓаните од сите генерации, и децата и постарите генерации да излезат во јавниот простор, односно како што е нашето случајно мото, приклучете се и дојдете да се запознаеме. Така да ги покануваме сите граѓани, доколку имаат било какви идеи за реализација и осмислување во јавниот простор, да не најдат на нашата страна на фејсбук и слободно да не контактираат“, рече Димоски.

 

Даме Димески од ПрилепНаТочак рече дека големиот број на дечиња и нивните родители кои беа заинтересирани за оваа работилница се позитивен знак и даваат надеж дека велосипедот се повеќе ќе се користи како превозно средство, бидејќи како што истакна здравите и убави навики се започнуваат од најмали нозе.

 

„Денеска ПрилепНаТочак, заедно со Јавен простор Прилеп, организираме вело-едукативна работилница  на која свое место ќе завземат најмладите велосипедисти од градот, односно дечињата, каде што ќе имаме едукативен дел каде ќе ги запознаваме децата со велосипедските правила, со велосипедските знаци и на крајот ќе имаме една интересна вело-најбавна трка. Целта е секој да стаса најбавно што можи од стартот до целта, без  да ги спушти своите нозе на земја. Имаме голем број на дечиња тука и тоа ни е како позитивен знак дека децата и родителите се заинтересирани за иднината на децата, да ги поттикнат да го користат точакот како превозно средство, затоа што здравите и убавите навики се започнуваат од најмали нозе. Така да ова ни е едно позитивно искуство во градот, за да можат младите во иднина да го користат точакот се повеќе“, рече Димески.

 

Работилницата, која привлече многу млади велосипедисти, беше целосно интерактивна, со што беше лесно да се задржи вниманието и на најмалите учесници. Децата имаа можност преку забава да ги научат основните велосипедски правила, да цртаат сообраќајни знаци и да се натпреваруваат во бавно возење точак, за што следуваше и соодветен медал.

 

„Денеска има вело-работилница која ја организираат ПрилепНаТочак и Јавен простор Прилеп. Сите деца кои знаат да возат тоачак да научат нешто ново, или ако не знаат да научат да возат. Секој ден возам точак. Сега брзо бев на Mariovo Off Road фестивалот, секоја Критична маса ја возам, значи покрај во градот, возам и надвор од него“ рече Елена Андреоски, 11 години.

 

„Денеска тука има вело-работилница за сите деца што возат точак низ градот. Возиме точаци и ги кажуваме сите знаци што се за точаци. Скоро секој ден возам точак со другарчињата“, рече Михаела Богеска, 9 години.

 

„На работилницата имаше вежби за да научиме да возиме на улица без да се плашиме. Сите цртавме знаци и ги лепевме на велосипедската патека. Секој ден возам тоачак од дома до училиште и од училиште до дома, како и низ градот со сестра ми, татко ми и мајка ми“, рече Цвете Андреоски, 8 години.

 

Организаторите планираат работилницата во текот на летото да се повтори, а цртежите создавани од идните свесни точакџии да се претстават во форма на изложба кон крајот на летото.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.