Бесплатно болничко лекување за сите од 1 јануари 2019

Од 1 јануари 2019 година бесплатно болничко лекување за сите граѓани, најави премиерот Зоран Заев на денешната седница за пратенички прашања.

 

„Истовремено таргет што е поставен пред нас во здравството е од 1 јануари 2019 година да воведеме бесплатното болничко лекување за сите граѓани. Досега имавме капацитет тоа да го направиме за дечињата на примателите на социјалната помош“, рече Заев.

 

Убеден сум, додаде премиерот, дека така како што ја водиме работата од 1 јануари 2019 година покрај бесплатното болничко лекување ќе биде зголемена и платата, вкупните нето приходи на лекарите специјалисти во Македонија да бидат 100 илјади денари.

 

„Верувам дека ќе има доволно капацитети Буџетот и во почетокот на февруари, кога лекарите ќе ја добијат јануарската плата, да имаат вкупен приход од 100 илјади денари. Ако успееме до 2020 година да ги подобриме буџетските перформанси, ќе продолжиме, на лекарите специјалисти без дежурства, да им обезбедиме 100.000 денари месечен нето приход“, рече Заев.

 

Овие две ветувања беа дел од изборната програма на СДСМ. Во предизборната кампања партијата ветуваше дека веднаш штом ќе дојде на власт ќе го направи лекувањето бесплатно за сите граѓани. Сепак, во март годинава Владата донесе одлука за бесплатно лекување само за лицата на возраст до 18 години чии семејства се корисници на социјална парична помош.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien