Египетскиот интернационалец Мохамед Салах стави крај на сите дилеми кога е во прашање неговата клупска иднина. Англискиот премиерлигаш Ливерпул на својата официјална веб-страница објави дека е продолжена соработката со најдобриот фудбалер од изминатата сезона.
Јирген Клоп беше презадоволен од потпишувањето на договорот и изјави дека „овој потег кажува многу за амбициите на Ливерпул за следната сезона“.
„Сега се јасни две работи – нашата верност кон него (Салах) и неговата верност кон клубот. Сакаме да имаме играчи од светска класа кои ќе си ги остварат соништата во Ливерпул и секојдневно работиме на остварување на истото. Кога некој како Салах ќе го нарече клубот негов дома, тоа навистина кажува многу“, изјави Клоп.
Иако не се откриени најважните детали од новиот договор, англиските медиуми шпекулираат дека Салах потпишал договот со важност до 2023 година и дека му е дуплирана неделната плата која сега ќе изнесува 200.000 фунти. Крилниот напаѓач изминатата сезона одигра 52 натпревари за “црвените# на кои постигна 44 погодоци.
Раководството на Ливерпул верува дека во наредните неколку сезони Мохамед Салах ќе стане уште подобар играч и ќе го однесе клубот до нови висини, откако минатата сезона играа во финалето од Лигата на шампионите.