Вработените во Еурокомпозит кои веќе втор ден протестираат со шатори пред Владата не се согласуваат со предлогот на Владата да го прекинат штрајкот, а компанијата да земе позајмица од ЕЛЕМ и од МЕПСО од 6 милиони денари, од кои три ќе бидат наменети за линеарна исплата на примања за вработените, 30 % за набавка на репроматеријали, а остатокот пак од парите да биде насочен за тековно одржување фабриката. Велат дека со тоа ќе им се исплати само една плата, што воопшто нема да го реши нивниот проблем.
„Понудата од страна на вицепремиерот и премиерот беше да ни исплатат за 10-тина дена минимална плата, да се вратиме на своите работни места, а во рок од 3 до 4 месеци да ни го решаваат нашиот проблем со плати и придонеси. Повторно истата лага. Ние остануваме тука се до нова понуда, нешто примамливо за да веднаш се реши нашиот проблем“, изјави Роберт Богданоски, претседател на синдикатот на Еурокомпозит.
Од Владата велат дека ова е само времена мерка до конечно решавање на проблемот, но не прецизираат кога истиот ќе биде решен.
„При крај е процедурата за правење на анализа за севкупните состојби на компанијата. Во истиот момент кога истата ќе биде подготвена веќе има, како што најави вицепремиерот Анѓушев, заинтересирани купувачи на Еурокомпозит“, истакна Миле Бошњаковски, портпарол на Влада.
Вработените кои останаа во Прилеп денеска го блокираа патот Прилеп-Скопје. Обвинуваат дека Владата ги лажела веќе со месеци.
„Проблемот апсолутно не е решен. Ние продолжуваме со штрајкот понатаму. Со 10.000 денари значи за 2 недели дека ќе биде пак ова истото“, рече Пеце Вељаноски, член на синдикален одбор.
„Не лажат колку да се отарасаат од нас, а по 10 дена повторно ќе биде истото. И секој состанок со него само пролонгира 3 месеци, 6 месеци, еве една година помина не се помрднати нииту еден милиметар“, изјави Жарко Талески, вработен во Еурокомпозит.
Штрајкот на Еурокомпозит продолжуваат и утре пред Влада, а протести се најавени и за во Прилеп.