Повторно жртви на нервниот отров Новичок во Британија

Facebook
Twitter
Email
Print

Двајца британски државјани се во критична здравствена состојба откако биле изложени на новичок, истиот нервен отров со кој беа затруени поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март годинава, соопшти доцна синоќа британската полиција.

 

„Ги добивме резултатите од анализата, кои покажаа дека двете лица биле изложени на нервниот агенс новичок, во југозападниот дел на Англија“, рече антитерористичкиот оддел на британската полиција.

 

Станува збор за една жена и еден маж на возраст од 44 и 45 години. Инцидентот се случил во Емсбери, кој е само десетина километри одалечен од Салсбери каде што беа затруени Скрипал и неговата ќерка.

 

Лабораторијата во соседниот град ја потврди употребата на нервниот агенс од некогашно советско производство, како што беше случајот со поранешниот двоен агент.

 

Полицијата додаде дека немало докази дека Британците идентификувани како Чарли Роули и Доун Стерџис биле цел на напад.

 

„Тоа е истиот нервен агенс. Научниците треба да утврдат дали доаѓа од истиот извор, како и за обидот да се отрујат Скрипал и неговата ќерка“, додаде полицијата.

 

Скрипаљ и неговата ќерка со недели беа во критична состојба во болницата, откако беа отруени со нервен агенс.

 

Лондон тогаш ја обвини Москва дека стои зад труењето и тврдеше дека во нападот се користел нервен гас развиен во СССР. Русија остро ги отфрли овие обвинувања.

 

Оваа афера предизвика дипломатска криза меѓу Лондон и британските сојузници, од една страна, и Русија, од друга страна, бидејќи голем број дипломати беа протерани.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи