Градскиот саат во Прилеп веќе 160 години е центар на животот во овој град. Претходно на истото место имало дрвена Саат кула која изгорела во 1854 година во големиот пожар кој ја зафатил старата чаршија. Денешната Саат кула е подигната во 1858 година од страна на познатиот прилепски мајстор Петре Лауцо со неговата тајфа. Градскиот саат во Прилеп е 1 година постар од познатиот часовник во Англија, Биг Бен во Лондон.
Изграден е на шестоаголна основа, висок околу 40 метри и поделен е на 3 нивоа. Интeресен е фактот што Саатот има накривување или инклинација од 114 см. и уште на шега го викаат „кривата кула од Прилеп“. Тој е најпрепознатливот белег на градот кој ги чува спомените на чаршијата век и половина.
„Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува сатот жали и вика: АХ ! “. Ова е натпис кој стои денес на Саат кулата.
Во 2013 година, по пауза од 15-тина години Градскиот саат повторно почнува да работи. Механизмот стар 180, донесен од Австрија, единствено успеал да го поправи само Димитар Чучуроски. Часовникот пробувале претходно да го поправат 6 машински инжинери, но не успале. Целата фамилија на Диме Чучуро, татко, дедо и прадедо биле саатчии.
Внатрешноста на Саатот е поделена на два дела, во едниот дел има празен простор за клатното. А во другиот дел се тесните и стрмни камени скали кои ги има 63 на број, а потоа до врвот на Саатот, каде се наоѓа механизмот продолжуваат уште 32 дрвени скали. Уникатна градба која опстоила до денес и покрај сите премрежија.
Во 2013 година Саатот е саниран за да не се накривува повеќе. Чучуроски вели дека ќе го навива Саатот се додека физички може. Звукот на Градскиот саат и работата на Чучуроски ја вратија душата и животот на старата чаршија во Прилеп.