ВИДЕО – Археолошкиот локалитет Стибера со несоодветен третман од страна на државата

Археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп иако се истражува уште од далечната 1955 година тој со децении е запоставуван од страна на државата. Градот е откриен само неколку проценти, а годишно за археолошки истражавања се одделуваат само по околу 5.000 евра, што е навистина премалку пари за да се започне некоја посериозна акција на локалитетот. Најголемиот проблем е што целиот локалитет дури и пронајдените градби се во приватен имот, а државата со години нема слух да го реши проблемот. Стибера е град кој е на рангот на градовите Хераклеа, Стоби или Скупи.

 

 

„Не се води грижа да се направи некој договор со сопствениците на овој имот, замена на парцели кои ги има многу во Пелагонија. А исто така и сумата не е голема, максимално до 15.000 евра, толку чини цел овој горен дел од акрополата на градот, толку треба да се одвојат, а тоа една кола за едно министертсво, ништо страшно“, изјави Душко Темелкоски, раководител на археолошките истражувања.

 

Поради тоа што имотот е приватен за жал дури и пронајдените објекти, наместо да се конзервираат повторно се затрупуваат под земја. Затрупан е и објектот кој беше откриен пред неколку години и за кој се претпоставува дека е првото откриено античко градско собрание во Македонија. Археолозите мора да ги закопаат повторно објектите за да не бидат изложени на надворешните услови, бидејќи тие се во приватен имот ии неможе да се конзервираат.

 

„Тука е собранието кое за жал сега е затрупано исто така годинава е засипуваме работилницата и она култно место каде што има божество со птичје лице, единствено во Европа“, додаде Темелкоски.

 

 

 

 

Жителите барале 1 нивни декар во Стибера да биде заменет со други 2 декари државно земјиште, но тоа не било одобрено. Наместо да претставува туристичко место, сега локалитетот е целиот обраснат во трева и е затрупан под земја.

 

Според бројот на ефебите, односно учениците кои учеле во гимназионот било утврдено дека Стибера имала околу 20.000 жители или во денешни рамки тоа би било еквивалент на голема светска метропола.

 

Археолозите очекуваат да пронајдат голем број градби ако добијат доволно финансии, а како едно од највредните места во Стибера би било пронаоѓањето на некрополата.

 

„Тука може да очекувама да се пронајдат театар, голем број јавни згради, а да не зборуваме за куќите на богаташите, повидните граѓани кои имале подни мозаици и слично. Но изгледа ние тоа ние нема да го доживееме“, истакна Темелкоски.

 

 

 

 

И годинава пронајдени се натписи на кои пишува дека некој виден граѓанин донирал да се изгради таа градба, истата е од 1 век од н.е. и се уште не е утврдена за што служела, лани во неа беше откриен бунар.

 

„Годинава истражуваме во длабочина кон внатрешноста на градбата и од она што досега го имаме откриено најважни се наодите на 3 мермерни блокови на кои има натпис со грчки алфабет. На овие 3 натписи, кои ги прочита мојата колешка од Битола, Весна Калпакоска, која што има магистрирано на натписите од градот Стибера кои се претходно откриени, според нејзино читање на овие натписи, стои дека Кефалон виден граѓанин на Стибера кој што бил син на Еуболит донирал од свои лични средства за изградба на оваа градба која сега ја откриваме“, изјави Темелкоски.

 

 

 

 

 

Стибера е формиран некаде во 3 век п.н.е и функционирал се до 3 век од н.е. кога го уништиле варварите. Најголемиот процут го има во 1 и 2 век од н.е.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи