Тоа што вчера беше најавено дека Конте и Челси потпишале спогодбен раскин на договорот, денеска од „Стемфорд бриџ“ го потврдија и тоа со само – три реченици. Кратко и јасно, Челси му се заблагодари на Конте за досегашната работа.
„За време на работата на Антонио во Челси ја освоивме шестата титула во историјата и осмиот ФА-Куп. Во шампионската сезона поставивме рекорд од 30 победи во 38 премиерлигашки мечеви, како и клупски рекорд со 13 победи по ред. Му посакуваме среќа на Антонио во иднина во неговата кариера“, кратко објавија од „Стемфорд бриџ“.
Челси изминатава сезона остана без настап во Лигата на шампионите, што беше тотален неуспех за еден од најбогатите клубови на Островот.
Се очекува во текот на денешниот ден или најдоцна до утре, Маурицио Сари, доскорешниот тренер на италијански Наполи, да биде потврден како нов тренер на Челси.