ВИДЕО – Во Прилеп подигнат споменик на Ненад Серафимовски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во Диво Насеље

Во Прилеп денеска беше подигнат споменик на Ненад Серафимовски, еден од 8-те мина загинати припадници на безбедносните сили при терористичките напади на 9 мај 2015 година во кумановско Диво Насеље. Тој беше член на единицата за специјални задачи „Тигар“ од 2014 година. Серафимовски од гостиварско Зубовце по мајка е прилепчанец и токму затоа споменикот беше поставен во градот херој.

 

 

„Ние како блиски роднини на Ненад Серафимовски од с. Зубовце, Гостивар, кој загина во Диво насеље во Куманово, бевме толку страшно погодени од се она што се случи, го загубивме нашиот Ненад. Сакавме да можеме да го посетуваме неговиот лик барем на спомен плоча овде во Прилеп. Ненад по потекло од неговата мајка е од Прилеп, па половина род му е токму овде во Прилеп. Барем на ваков начин овде во паркот кај судот, ќе можеме да го посетуваме нашиот драг Ненад Серафимовски. Слава му! – Мариче Јованоска, братучеда на Серафимовски.

 

Од единицата за специјални задачи „Тигар“ истакнаа дека нивна должност и светост сега и во иднина останувало да го чуваат и со гордост да го пренесуваат споменот за неговата човечност, добрина и професионална посветеност.

 

„Почитувани членови на семејството, почитувани колеги, почитувани пријатели и гости. Република Македонија, мирот и спокојот на нејзините граѓани го чуваат бранителите, нијзините херои и патриоти. Се што денес имаме им должиме нив и им се поклонуваме. Тие се великаните кои ја променија историјата и оставија светол пример за наредните генерации. Нивните имиња остануваат врежани во колективната меморија на македонскиот народ, а нивните дела секогаш со гордост ќе бидат споменувани од сегашните и новите генерации. Ликот и делото на Ненад Серафимовски, за неговото семејство и за нас, како другар, колега, припадник на единицата за специјални задачи Тигар, остануваат засекогаш во најдобри сеќавања, затоа што ја имавме привилегијата и можноста да го познаваме, да бидеме дел од неговиот живот, да соработуваме со него и заеднички да споделуваме радост и тага. Пред три години загубивме осум колеги, врвни професионалци и патриоти, другари, а пред се грижливи и сакани сопружници, татковци, синови, пријатели. Загубата е ненадминлива, но остануваат сеќавањата на нивните дела по кои ќе ги паметиме и со гордост споменуваме. Меѓу нив беше и Ненад Серафимовски, за кого сме тука собрани денес да му оддадеме должна почит. Ненад и како припадник на единицата за специјални задачи беше љубопитен и нескротлив, како што ми кажаа каков што бил и кога бил дете. Секогаш со стремеж да научи нешто ново, да осознае, да стекне, испита, да дознае. Боречките вештини ги совладал од рана возраст. Постигнал забележителни натпреварувачки резултати, медали и признанија. Овој успех го носи во Скопје, каде што продолжува со спортски активности и го развива и духот и телото. Ако некој ме имаше замолено да го опишам Ненад со една реченица, да се обидам да изнајдам некое животно мото со кое тој се поистоветувал, ќе кажев, во здраво тело, здрав дух. Навистина Ненад ги практикуваше сите боречки вештини, посетувајќи ги редовно спортските сали, грижејќи се за својата кондиција и добро здравје. Исто така беше врвен фудбалер, а и скијач. Не знаеше за умор никогаш. Не му беше доста, го живееше животот брзо, полн со енергија и ентузијазам. Голем предизвик му беше конкурсот во МВР од 01.06.2012 година, особено привлечен од строгите барања за исполнување на спортските вештини. Конкурираше на огласот и беше примен. Успешно ја заврши основната обука за полициски службеник и продолжи со понатамошна обука, за на 10.07.2014 година да биде примен во единицата за специјални задачи Тигар. Учестуваваше како таму да се пронајде себе си. Беше прв во работата и прв кога треба да се помогне на колега и другар. Во единицата од страна на претпоставените беше препознаен како човек со висок потенцијал и на него се сметаше како на еден од припадниците кои треба да ја градат иднината на нашата единица. На кобниот 09.05. пред три години беше еден од осуммината бранители што го загубија животот, прерано на само 27 годишна возраст, оставајќи засекогаш длабоки и неизбришливи траги во нашите животи. Ненад ја направи својата најголема жртва, но и почест. Загина во исполнување на службена должност, во одбрана на татковината и зачувување на нејзиниот интегритет. Ние оние што останавме со скршено срце, ускратени за еден другар, колега, ќе продолжиме да чекориме по патот по кој тој чекореше достојно, сигурно и чесно и секогаш со највисок степен на професионално извршување на работните задачи. Денешниот чин на откривање на спомен обележје во чест на овој наш македонски херој нема да ја исполни празнината што како колеги, пријатели, блиски, ја споделуваме со неговите најблиски во изминативе три години, од неговото трагично загинување. Но од ова место, ти ветуваме почитуван наш колега, пријател, другар, роднина, Ненад Серафимовски, дека наша должност и светост останува сега и во иднина споменот за твојата добрина, човечност, професионалност и посветеност, да го чуваме, негуваме и со гордост пренесуваме. Нека му е вечна слава!“, истакна припадник на единицата за специјални задачи „Тигар“

 

 

Адвокатот на 4 семејства од загинатите припадници на безбедносниите сили, Жарко Стеваноски, изјави дека имаат постапка за утврдување на одговорност кај структурите на МВР за да се дознае вистината кои се мотивите и нарачателите за овој злосторнички чин.

 

„Пред се од името на семејството изразуваме благодарност за локалната самоуправа и напорот на семејството да го овековечи спомен обележјето на Ненад Серафимовски. Тој не е симбол сам за себе, тој е симбол за пожртвуваноста на нашите припадници на безбедносните сили во одбрана на државата. Среќа што ова спомен обележје е откриено токму овде, каде што секојдневно играат деца и родители, како потсетник за тоа дека родителите знаат како да ги бранат и како да ја бранат иднината на сопствените деца. Постапката против сторителите за крвавите настани од Диво Насеље е во фаза на жалба. До претставниците на МВР одамна имаме иницирано постапка, кој што бараме да се утврди преку внатрешна ревизија, одговорност на структурите на МВР и се надеваме дека исходот од истата ќе заврши онака како што очекуваат и семејствата, односно ќе заврши во полза на откривање на вистината за настаните од Диво насеље. Моментално постапката е во фаза по жалба до Апелациониот суд во Скопје и се надеваме дека со завршувањето на одморите на судовите ќе добиеме и конкретна пресуда, односно потврда на првостепената пресуда за вината на сторителите за овој крвав настан. Сите се наоѓаат во притвор, се уште ја издржуваат мерката притвор. По завршување на второстепената постапка ќе отпочнат со издржување на казната затвор. За дел од нив, по издржување на казната следи и протерување од државата“, изјави Жарко Стеваноски, адвокат на семејството Серафимовски.

 

Инаку од 37-те обвинети за тероризам во Диво Насеље 7 мина добија доживотна казна затвор, 13 обвинети добија по 40 години затвор, 6 по 20 години, еден обвинет 18 години, 2 по 14 години, 2 по 13 години затвор и 2 по 12 години затвор, а имаше и 4 ослободителни пресуди. Адвокатите на обвинетите поднесоа жалба до Апелација која уште се разгледува. Се очекува конечната одлука Апелација да ја донесе по завршувањето на летото. Се уште во тек е и постапката за барањето на меѓународна експертиза целиот случај.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи