Жестоки критики за Трамп во САД, откако американскиот претседател застана во одбрана на Русија

Однесувањето на американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со рускиот колега Владимир Путин во Хелсинки, предизвика натпартиски револт во САД .

Од редовите како на Републиканската, така и на Демократската партија, денеска „врнат“ критики на попустливоста на американскиот претседател Доналд Трамп кон Владимир Путин во однос на темата – дали Русија вршела влијание врз американските претседателски избори во 2016. година. На средбата со Путин вчера во Хелсинки, Трамп јасно даде на знаење дека не ги дели сознанијата на своите сопствени тајни служби околу руски сајбер-напади за време на претседателската изборна кампања во САД.
За американскиот републикански сенатор Џон Мекејн состанокот на американскиот и рускиот претседател е „трагична грешка”. Тој го обвини американскиот претседател дека „не само што не ја кажува вистината за непријателот туку и не ја брани својата земја“.
„Допрено е дното во историјата на американското претседателство. Никогаш досега еден американски претседател не се понижил себеси на ваков начин пред еден тиранин“, рече Меккејн.
Републиканскиот конгресмен и поранешен соработник на ЦИА, Вил Хард на Твитер напиша:
„Во мојата професионална кариера сум видел бројни луѓе манипулирани од руските тајни служби, но не ни помислував дека американски претседател ќе биде некој кого рутинираните агенти од КГБ ќе го влечат за нос.“

Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, ги повика своите републикански колеги да застанат против Трамп.

 

„Во целата историја на нашата земја Американците никогаш досега не доживеале еден претседател на САД да го поддржува својот противник на начин како што претседателот Трамп го поддржуваше претседателот Путин. Еден претседател на САД да се стави на иста страна со претседателот Путин против американските органи на кривично гонење, американските безбедносни и тајни служби, е непромислено, тоа е опасно и претставува слабост. Едно застрашувачко прашање сега виси над Белата куќа – што можело да го предизвика претседателот Трамп да ги стави интересите на Русија над оние на САД? Милиони Американци ќе продолжат да се прашуваат. Единственото можно објаснување за ова опасно однесување е можноста претседателот Путин да има штетни информации за претседателот Трамп“, смета Шумер.

 

Додека сенаторите и конгресмените отворено тврдат дека Русија не им е сојузник на САД, Трамп на Твитер напиша дека има огромна доверба во американската разузнавачка служба, но оти „Русија и САД како две најголеми светски нуклеарни сили мора да се согласуваат за градење на подобра иднина“.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien