Хан: Вратата на ЕУ ширум отворена, имате рандеву со историјата

Со денешната посета на еврокомесарот Хан официјално започна процесот на скрининг, кој има за цел да ја подготви Македонија за преговорите за членство во ЕУ.

 

„Вратата на ЕУ сега е ширум отворена, но само вие одлучувате дали ќе ја искористите оваа шанса или не. Ајде да се зафатиме со работа, имате рандеву со историјата. Затоа нема време за губење. Ние сме само на почетокот од едно долго патување“, порача денеска еврокомесарот Јоханес Хан, обраќајќи се на седницата на Националниот совет за евроинтеграции.

 

„Важно е да демонстрирате инклузивност и дека се работи на стратешките приоритети на земјата. Имате единствена можност да се обединат сите различни сили во општеството и да се направи разлика на подобро. Пред нас се голем број предизвици затоа ве охрабрувам да бидете концентрирани и обединети“, порача Хан.

 

Тој нагласи дека во однос на реформите кон ЕУ приоритет треба да се даде на клучните области идентификувани од страна на Европскиот совет, а Европската комисија ќе продолжи да и помага во овој процес на земјата кој ги опфаќа реформи во правосудството, борба против корупцијата и организираниот криминал, реформата на безбедносните и разузнавачките структури и реформата на јавната администрација.

 

Укажа дека предвидениот референдум ќе биде важен за иднината на земјата и ги повика сите граѓани особено младите да го остварат демократското право оти како што посочи секој глас е битен.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien