ВИДЕО – ВМРО-ДПМНЕ : Ченто заборавен од власта – во Прилеп нема официјално одбележување на годишнината од неговата смрт

Денеска се навршуваат 61 година од смртта на Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ или уште како се нарекува првиот претседател на Македонија. Но денеска во Прилеп немаше свечено одбележување на оваа годишнина, претставници од локалната самоуправа до овој момент не положија свежо цвеќе на неговата биста која се наоѓа пред зградата на локалната самоуправа. Единствено почит засега оддадоа претставници на О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп и членови на М.П.З. „Пере Тошев“. Претходно цвеќе положила и неговата ќерка Марија Јакимоска, која не сакаше да даде денеска изјава пред камерите.

 

 

„ Денес со посебна гордост и чест, како многу пати досега, сме тука пред споменикот на првиот претседател Методија Андонов Ченто, да оддадеме почит, но и да го продолжиме аманетот на Ченто за независна, суверена, самостојна и просперитетна Република Македонија. За разлика од некои кои еве и денес не се удостоија да дојдат и да оддадат почит на првиот претседател на Република Македонија, ние ќе продолжиме секогаш да бидеме на браникот на Република Македонија, да ги штитиме македонските национални интереси. Да направиме се Македонија да ги оствари своите национални интереси, да стане членка на ЕУ и НАТО, но да влезе во овие заедници како полноправна членка, почитувана, но не никако обезличена и обезимена. Во овие тешки моменти за нашата држава, во овие моменти кога и после 27 години независна Република Македонија е доведено прашањето за опстанок на државата, доведено прашањето за опстанок на нацијата, на идентитетот, ние како ВМРО-ДПМНЕ остануваме на нашите определби за одбрана на националните стратешки интереси на Република Македонија, на зачувување на уставното име, на зачувување на македонскиот јазик, зачувување на македонскиот идентитет, македонската култура и историја“, изјави Петар Ристески, претседател на О.К. ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

 

Свежо цвеќе положија и претставниците на М.П.З. „Пере Тошев“ чиј претседател беше Јане Ченто, правнукот на Методија Андонов Ченто, а кој сега е во притвор, осомничен за настаните на 27 април. Од М.П.З. „Пере Тошев“ рекоа дека власта намерно го држела Јане Ченто во притвор иако внатрешната контрола во МВР потврдила дека тој претходно не ги прекршил правилата на домашниот притвор и никогаш не го напуштиил домот.

 

„За жал на правдина да бидеш осуден е многу тешко. И покрај сите напори на адвокатскиот тим на нашиот член Јане Ченто, инаку правнук на првиот претседател на републиката, Методија Андонов Ченто, не успеа да се избори за правда и до ден денес се наоѓа во притвор и таму ќе го дочека и почетокот на судењето, кое е закажано за 22 август. Меѓутоа покрај сите случувања ние сме револтирани и скептици сме дека овој датум ќе биде испочитуван од страна на правосудниот систем во Република Македонија, со единствена цел тие луѓе да останат во притвор, бидејќи тие се луѓе кои можат да соберат маса на народ. Почнувајќи од Јане Ченто, Горан Ангелов, Игор Југ и сите останати што се во притвор моментално, се држат таму за да помине глатко ова спроведување на капитулантскиот договор, за промена на името, за промена на нацијата и почитување на условите кои му се дадени на Зоран Заев за влез на Македонија во ЕУ и НАТО. За жал тоа е капитулантски договор, кај што треба сами да се обезличиме и да си го промениме своето име, од Република Македонија да бидеме Република Северна Македонија, од Македонци да бидеме Северномакедонци“, истакна Горан Стојаноски, М.П.З. „Пере Тошев“.

 

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien