Општина Прилеп ќе пренамени буџетски средства за обештетување на земјоделците

На денешната 17-та седница на Советот на Општина Прилеп, советниците го усвоија предлог заклучокот по постапката за процена на штета и помош во отстранување на последиците од природните непогоди, настанати на 23.07.2018 година на територијата на градот и повеќе населени места.

 

Во своето излагање пред членовите на општинскиот Совет, градоначалникот Илија Јованоски побара од советниците да донесат заклучок за констатирање природна непогода, како би можело да се изврши обештетување на земјоделците чии земјоделски површини беа зафатени од невремето. Во таа насока е формирањето на две нови стручни комисии за процена на штетите, кои ќе помогнат за побрзо и поефикасна процена.

 

„Откако Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ја врати документацијата со проценките за настанатите штети, на следната седница Советот ќе донесе одлука за висината на средствата, кои согласно финансиските можности, ќе бидат одделени за исплата на дел од штетата. Во буџетот на Општина Прилеп не постои ставка, која предвидува исплата на средства за штети на земјоделски површини, па затоа исплатата ќе ја извршиме со пренамена на буџетски средства“, истакна градоначалникот Јованоски.

 

Миле Талевски, претседател на општинскиот Совет, потенцираше дека меѓу повеќето одлуки кои денеска ги донесе Советот, од голема важност за земјоделците од Прилепскиот регион е усвоениот заклучок, кој се однесува на процената и исплатата на штетите настанати со големото невреме, кое пред една недела ги зафати градот и населените места.

 

„Оштетени се над 600 хектари обработлива површина, а општинската комисија очекува дека до крајниот рок ќе стасаат повеќе од 1.000 барања за обештетување. Сите земјоделци кои имаат штети, ќе бидат соодветно и законски обештетени. Преку Министерството за земјоделство, Владата е надлежна да донесе одлука за висината на обештетувањето, врз основа на процената која ќе ја извршат стручните комисии. Откако ќе биде извршена процената на штетата, Советот на Општина Прилеп ќе донесе одлука за обештетување со средства од општинскиот буџет. Ова е прва одлука со која Советот на Општина Прилеп им излегува пресрет на граѓаните и им доделува средства за ваква намена, сѐ со една цел да им ги олесниме проблемите и маката која им ја нанесе невремето“, изјави Талевски.

 

Советниците го усвоија тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП „Комуналец“, како и консолидираната сметка за 2017 година од ЈКП „Комуналец“ и ДООЕЛ „Терминал-Комуналец“ – Прилеп. Исто така, советниците им дадоа “зелено светло“ на предлог одлуките за поднесување апликација и одобрување на сопствен финансиски придонес за учество на Општина Прилеп во активноста „Подобрување на амбиентот и привлечноста на Старата чаршија Прилеп“, како дел од проектот „Имплементација на студија за развој на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам-Пелагонија создадена за авантура“. Поддршка доби и предлог одлуката за сопствен финансиски придонес на Општина Прилеп во проектот „Прилепско езеро – нови авантури, нови можности“.

 

Согласност добија Годишните планови за вработување во ЕЛС Општина Прилеп и во ЈОУДГ „Наша иднина“, а советниците ја изгласаа и одлуката со која на ФК „Победа“ ѝ беа доделени средства во висина од 1.200.000 денари.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien