Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ веќе извесно време отворено изнесуваат идеи за поделба на Косово. Тие тврдат дека една од можните опции е северниот дел на Косово, каде што живеат најмногу Срби, да се врати во границите на Србија.
На овие идеи експресно возврати косовскиот претседател Хашим Тачи кој во јавноста пласираше едно поинакво сценарио, односно рече дека Прешевската Долина, каде што најголем број од жителите се Албанци, во иднина ќе биде дел од Косово.
Сепак ваквите ставови за евентуална територијална поделба, која би можела да предизвика нова безбедносна криза на Балканот, експресно беа отфрлени од страна на Запад.
Германската канцеларка Ангела Меркел ги отфрли сите настојувања да се ревидираат границите повлечени по војните на Балканот.
„Територијалниот интегритет на државите од Западен Балкан е дефиниран и неприкосновен. Тоа повторно мора да се повторува, зашто секогаш има нови настојувања за можеби уште еднаш да се разговара за границите. Тоа не можеме да го направиме“, изјави Меркел.
Британскиот амбасадор во Приштина за косовската телевизија Т7 вели дека тоа е опасно сценарио, кое може да предизвика домино ефект и во другите земји од Балканот.
„Границите се пишуваат со зборови, но се менуваат со куршуми, промената на границата меѓу Косово и Србија би предизвикала и други преседани на Балканот. Не ја гледам разликата меѓу корекција на границата, како што тоа го нарекува Тачи и размена на територии“, изјави Руари О Конел, амбасадор на В.Британија во Косово.
Познатиот американски аналитичар за состојбите на Балканот, Даниел Сервер ја изнесе оценката дека САД ќе бидат против промената на границите, бидејќи тоа е многу опасно за Балканот.
,,Мислам дека позицијата на Германија е клучна. Без поддршка на Германците, оваа идеја за корекција на границите и размена на територии или како сакате речете ја, неможе да оди понатаму”, оценува Сервер. Тој смета дека САД ќе останат секогаш против поделбата на Косово.
Според Сервер, сега Косово и Србија ја имаат отворено Пандорината кутија и истата треба да ја затворат што побрзо.