Кампањата за референдумот ќе чини 1,3 милиони евра

Во јавната пропаганда може да се потрошат најмногу 1,3 милиони евра. Ќе бидат префрлени на посебна жиро сметка на Собранието од буџетската ставка Функции на државата. Вакво решение е утврдено откако претпладнево Собранието побара од Владата да обезбеди средства за спроведување на јавната кампања.

 

На координацијата кај спикерот Талат Џафери беше одлучено сите пратеници да добијат можност јавно да ги изразат пред јавноста своите ставови. Тоа значи дека и тие што се „за“ и тие што се „против“ и тие што се за бојкот на референдумот, ќе добијат средства за медиумско презентирање. Вкупната сума се дели на сите 120 пратеници. Доколку некој не сака да учествува во кампањата, „неговиот“ дел останува во буџетот.

 

Ако е јасно дека најмалку 70 пратеници поддржуват одговор „за“ на референдумското прашање, тоа значи дека за нив се предвидени 46,4 милиони денари. Останатите, пред се од ВМРО ДПМНЕ, ќе треба прво да одлучат дали ќе водат кампања и за таа одлука да го известат Координативното собраниско тело за референдум, предводено од Талат Џафери. Доколку одлучат да водат кампања „против“ референдумското прашање или да агитираат за бојкот, ќе добијат средства во согласност со бројот на пратениците.

 

ВМРО ДПМНЕ се уште не го соопштила својот став, а не присуствуваше ниту на денешната координација. Пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој е дел од опозициската коалиција, вели дека треба да се води кампања, но да се остават граѓаните слободно самите да одлучат.

 

Кампањата инаку ќе се финансира од Функции на државата. Таа опфаќа ставки: Помош при транзиција, Регионален развој, Развој на човечки ресурси, Рурален развој и Инструмент за ИПА 2. Тоа значи дека отпадна предлогот сите министерства да пренаменат средства за референдум. Прво и единствено се одзва Министерството за одбрана кое предложи пренамена на 60 милиони денари.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien