Финишираат активностите за отворање на Дневниот центар за лица со церебрална парализа

Градоначалникот Илија Јованоски, денеска оствари неформална средба со Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа. Средбата беше во функција на отворање на Дневниот центар за лица со церебрална парализа, на која градоначалникот ги информираше членовите на Здружението за завршните работи пред пуштањето во употреба на Дневниот центар.

 

Доколку се’ тече според планираното, Дневниот центар за лица со церебрална парализа ќе биде отворен за петнаесетина денови. Во таа насока е и огласот за вработување на 6 стручни лица, социолог, дефектолог, педагог, физиотерапевт и медицинска сестра, како и возач, кој со специјално возило ќе ги превезува лицата со церебрална парализа од нивните домови до Дневниот центар и назад.

 

Дневниот центар ќе има капацитет за згрижување на 30 корисници, но доколку се констатира дека постои потреба за негово проширување, Општина Прилеп ќе преземе мерки за зголемување на постојниот капацитет, со цел ниту едно лице со церебрална парализа да не остане незгрижено.

 

Градоначалникот Јованоски посочи дека главниот проблем со кој во моментов се соочува Општина Прилеп, е немањето точна бројка на лица со церебрална парализа, а со таков податок не располагаат ниту во Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа, ниту во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Прилеп. Сепак, во наредните денови до отворањето на Дневниот центар, се надеваат дека и овој проблем ќе биде надминат.

 

На денешната средба присуствува и членови на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien