ВИДЕО – Прилепчани уживаа во поезијата на поетите учесници на Струшките Вечери на Поезијата

За прв пат од 57 годишното постоење на Струшките Вечери на Поезијата Прилеп беше дел од оваа светски позната манифестација. 4-ица поети од Бугарија, Данска, Романија и Сирија се претставија пред прилепчани на поетската вечер насловена како „Поезија на пат“, која се одржа на летната сцена во домот за култура „Марко Цепенков“. На поетската вечер беше претставена и поезијата на добитникот на „Златниот венец“ на СВП, поетот Адам Загајевски.

 

 

ВО ВИДЕОТО ПОГЛЕДНЕТЕ ДЕЛ ОД ПОЕЗИЈАТА И ИЗЈАВИТЕ НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО ПРИЛЕП :

 

 

 

„Јас сум прв пат на Струшките Вечери на Поезијата. Ова е веќе 57-ми пат, голема чест и задоволство ми е да бидам присутен тука, најмногу поради тоа што ќе ги слушнам другите поети од целиот свет. Јас ќе се претставам тука со само еден мал дел од мојата поезија, од книгата која се нарекува „Поле“. Поезијата доаѓа од секаде и секогаш, од слушање, дишење, од живеење впрочем. Јас не сакам многу да зборувам за мојата поезија, оставам таа сама да говори за тоа што е мојата најголема инспирација“, вели Мартин Глаз Серуп поет од Данска.

 

„Прв пат сум на Струшките Вечери на Поезијата и тоа е голема радост и чест за мене бидејќи ова е еден светски фестивал, можеби и слободно може да се каже најголемиот во светот. Не сум за прв пат во Македонија, но за прв пат сум на оваа манифестација. Тука има многу добри поети од целиот свет. Кога Адам Загајевски го засадуваше дрвото во паркот, каде има огромен број на поети од целиот свет кои го добиле „Златниот венец“, тоа за мене беше навистина прекрасно чувство“, рече Владимир Левчев поет од Бугарија.

 

Целта на „Поезија на пат“ е афирмација и промоција на поезијата низ градовите во земјата, односно прослава на врвната светска поезија, преку учество на значајни поети. Воедно преку манифестацијата се придонесува и за анимација на прилепската публика и запознавање со светската поезија.

 

„Прв пат сум тука, навистина сум задоволен од се ова што се случува во Прилеп. Струшките Вечери на Поезијата се еден огромен фестивал со многу големо значење и сум пресреќен што сум дел од него“, потенцираше Хусеин Хабаш од, Сирија, кој има курдско потекло.

 

„Сметам дека ова е еден од најважните настани, најважните поетски читања во Европа, чест ми е што сум тука. Запознат сум со македонската поезија, бидејќи ја читам и сум во тек. Никола Маџиров е еден мој драг пријател, кој ме покани тука. Го запознав во Романија и така дојдов тука и од тогаш ги читам современите македонски поети“, истакна Козмин Перта поет од Романија.

 

 

Најголем виновник што Струшките Вечери на Поезијата се дел од културните случувања во Прилеп секако е граѓанската организација Јавен Простор Прилеп. Која за само 2 месеци буквално успеа културно да го препороди Прилеп.

 

„Ова е прв пат некој град од внатрешноста на Македонија кој не е блиску до Струга да биде дел од „Поезија на пат“ на Струшките Вечери на Поезијата. Многу се радувам што оваа година манифестацијата ја донесовме во Прилеп со фантастичен избор на поети и се надевам дека ова ќе прерасне во една традиција и дека Прилеп ќе остане дел од Струшките Вечери на Поезијата. Ова е заслуга на Јавен Простор Прилеп, Домот за култура „Марко Цепенков и Општината која што ја разбира разноликоста на културните настани и почнува да не поддржува. Денеска освен што ќе презентираме 4-ица поети кои што се дел од Струшкиите вечери на поезијата ќе ја презентираме и монографијата на победникот, на добитникот на „Златниот венец“ Адам Загајевски. Исто така ќе го претставиме списанието „Стремеж“ за кое што веројатно многу мина од нас заборавиле дека е едно од најважите списанија за литература во земјата и се создава токму тука во Прилеп. Поеизјата и уметноста е важен дел од нашето секојдневие и сметам дека етстетиката, доколку стане дел од нашето секојдневие, животот станува поедноставен, поубав, порелаксиран и мислам дека со сите случувања ова лето докажавме дека луѓето можат да зборуваат 3 дена за некој убав настан, а тој да не е поврзан со политика или тековни случувања во државава“, изјави Звонко Димоски, коорганизатор на настанот, Јавен Простор Прилеп.

 

„Ми причинува голема чест и задоволство што Прилеп и Центарот за култура „Марко Цепенков“ се дел од најголемата поетска манифестација, Струшките Вечери на Поезијата, преку програмската содржина „Поезија на пат“. Им благодарам на поетите што се денес тука и ја презентираат својата поезија и исто така му благодарам на претседателот на советот на Струшките Вечери на Поезијата за неговата поддршка Мите Стевкоски“, вели Менче Караџоска, директор на Домот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

 

Струшките Вечери на Поезијата завршуваат во недела кога ќе биде доделена и наградата „Златен венец“ на годинешниот лауреат, Адам Загаевски, а ќе бидат доделени и наградите „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“. На годинешната манифестација учествуваа 30 поети од 29 земји од светот и 50-тина поети од Македонија.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи