Од први јануари домаќинствата ќе бираат од кого ќе купуваат струја

Граѓаните кои од наредната година ќе ги снабдува со струја универзалниот снабдувач, нема да добијат повисоки сметки и ќе имаат евтина тарифа – гарантира првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски. Од 1 јануари следната година стартува либерализацијата на енергетскиот пазар. За домаќинствата изборот е да останат на регулираниот пазар и да ги снабдува универзалниот снабдувач или да одат на слободниот пазар кај 20-тина лиценцирани трговци со струја.

 

„Моите очекувања се дека АД ЕЛЕМ – Скопје ќе биде најголем добавувач на универзалниот снабдувач. Цената ќе остане непроменета за домаќинствата и ќе биде поповолна на регулираниот пазар на електрична енергија. Доколку дојде до момент на намалување на цените на слободниот пазар домаќинствата  и малите потрошувачи го имаат правото во секое време да излезат  од регулираниот пазар и да бидат снабдувани од слободниот“, вели Марко Бислимоски – Претседател на Регулаторна Комисија

 

Меѓународниот тендер за избор на универзален снабдувач треба да почне во септември, а тој треба да се избере до крајот на годината. Доколку пропадне планот пак, ЕВН ќе има обврска да ја игра улогата на универзален снабдувач. Евтината тарифа останува два пати дневно од 14 до 16 часот и од 22 до 7 часот наутро.

 

„На регулираниот пазар ќе важат истите услови, како што е и до сега, во однос на евтина тарифа за домаќинствата. Јас очекувам и снабдувачите на слободниот пазар да бидат иновативни и да воведат нови понуди пред се за домаќинствата“, вели Марко Бислимоски – Претседател на Регулаторна Комисија

 

Регулаторната комисија за енергетика до 5 септември треба да ги донесе сите подзаконски акти. Новина ќе биде и тоа што  производителите и потрошувачите ќе имаат можност за обесштетување ако не се задоволни од услугата, поради слаб напон  или не испорачана електрична енергија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien