ВИДЕО – До Велигден се очекува комплетно да бидат готови конаците на Трескавец, црквата се уште во катастрофална сотојба

До крајот на оваа година се очекува да бидат завршени градежните работи со опожарените конаци на манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец кај Прилеп, а до идниот Велигден и комплетно внатрешно да биде уреден манастирскиот комплекс. Источниот конак ќе биде монашки, а во другите конаци ќе има 60-тина места за посетители.

 

 

„Веќе се работи на дограмата, поставени се прозорците и вратите се веќе пристиигнати, ќе се започне за брзо со нивна монтажа. Се работи на машинскиот дел, се работи на водоводот и канализацијата, плочкарскиот дел, така што и тие занаетчиски работи се во полн ек“, истакна Отец Калист, монахот кој живее на Трескавец.

 

Најаважно од се е тоа што манастирот сега ќе биде заштитен според сите најсовремени стандарди за заштита од пожар.

 

„Пред неколку дена поставивме громобран кој има голем капацитет да го покрива целиот комплекс со црквата. Во иднина конаците ќе бидат заштитени со мрежа на хидранти со вода, а ќе биде поставена и мрежа на посебен гас за гаснење на пожари. Ќе има индуктори во секоја просторија кои ќе сигнализираат доколку се појави пожар за да се вклучи системот“, истакна Никола Ѓулизибариќ, раководител на проектот.

 

Но сепак останува најголемиот проблем, а тоа е катастрофалната состојба на црквата која потекнува од 12 век. На ѕидовите има големи пукнатини, фрескоживописот стар над 800 години буквално се распаѓа. Цели делови од него паѓаат на земја. Во последниот период беа превземени одредени мерки за превентивна заштита, но потребно е што можно побрза конзервација.

 

Моментално е завршен проектот за превентивна заштита на црквата, конструктивно се консолидирани најоштетените делови на храмот, а идната пролет се очекува конечно да започне реализацијата за конзервација на црквата која што моментално се наоѓа во катастрофална состојба и потребна е итна интервенција на државните органи.

 

Црквата, старата трпезарија и магерницата со децении беа запоставувани од страна на државата иако УНЕСКО го прогласи Трескавец за еден од 100-те најзагрозени споменици на културата во светот. Од Заводот и Музеј Прилеп велат дека се работи на сите проекти на Трескавец.

 

 

 

 

„Започнати се работите околу црквата, истражувачките работи, имаме препораки од Комисијата некои градежни материјали кои се поставени околу црквата да се дислоцираат, потоа мораме да направиме превентива околу црквата за одводнување на влагата. Паралелно ќе се работат конзерваторски работи и на архитектурата и фрескоживописот“, изјави Благоја Атанасоски, директор на Завод и Музеј Прилеп.

 

Еден од поглавните проблеми кои треба да го решат државата и Општината е проблемот со недостигот на вода на Трескавец.

 

„Водоснабдувањето на Трескавец е вековен проблем така што сега се во тек некои иницијативи, се надеваме дека и тоа ќе дојде до своја реализација затоа што џабе имаме направено конаци, ако не го решиме проблемот со водата“, додава Отец Калист, монахот кој живее на Трескавец.

 

Кога ќе се реализираат сите овие проекти Трескавец се очекува да биде еден од најпосетуваните манастирски комплекси, не само во Македонија туку и во регионот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи