Во сабота, Јавен Простор заедно со пријателите и едукаторите од ПрилепНаТочак, овој пат засилени со неколку претставници од Марковите Точакџии, ја одржаа последната за овај циклус креативна работилница за велосипедизам, посветена на најмладите точакџии во Прилеп.
Бројните учесници имаа можност да се запознаат со многу интересни факти за велосипедите и сообраќајните правила, придружени со многу игра, смеа, цртање и заедничко возење. Децата, исто така, има можност да слушнат многи интересни приказни за подвизите на Марковите Точакџии.
Финална вело-работилница навистина беше прекрасна, шаренолика и победоносна:). Организторите и ние, уште еднаш им честитаме на шампионката. Дора, која победи во категоријата најдобар вело-цртеж, на шампионката Аника, која беше неприкосновена во категоријата бавно возење точак и секако, шампионот Доротеј, кој го освои медалот во најбавно и најбалансирано:) возење точак).
Сигурно сме дека со вакви иницијативи, вакви едукатори, учесници и шампиони, Прилеп ќе биде побезбеден вело-град.
Во неделата пак, се одржа третата вело–дружба и заедничко возење низ живописните и богати со тутун предели на прилепско поле, која заврши со посета на Музејот за тутун, сместен во близината на Прилеп. Ораганизаторите, во претходните неколку најави ги замолија сите заинтересирани да имаат светла, вода за пиење и да возат заедно со групата.
Сепак, светлата се задолжителни со закон! Исто така, ајавија дека ќе се потпишуваат изјави и дека нема да може да земе учество во турата, доколку не се испочитуваат овие неколку основни правила. И покрај овие правила, бројноста на учесниците беше голема и мораме да нагласиме дека сите до еден ги имаа испочитувано барањата на организаторите на настанот.
Кустосот на Музејот за тутун, Алекандар Цветкоски, на мошне интересен, интерактивен и често комичен начин ги отвори тајните на ова необично место во нашиот град. Приказните за експонатите и нивните некогашни сопственици немаа крај и ова несекојдневно искуство траеше скоро 2 часа. Ова е едно од местата, кои секој жител на нажиот град треба да го посети.
Неделата заврши со вчерна кратка претстава која предизвика голем интерес, меѓудругото, и поради одбраната тема, која намерно требаше да биде иницијална каписла за размислување на одредени социјални теми, во случајов депресијата.
„Господар на само–саботажата” е прва малечка продукција на театарска форма на Јавен Простор Прилеп, создадена по мотиви од авторот Џозеф Арноне, надоплонета со стихови од Диаманда Галас, во препев на Звонко Димоски. На идеално импровизираната сцена под градската Саат–кула, вниманието на насобраните граѓани целосно го украдоа актерите Милан Секулоски и Валентина Ѓеорѓиевска. Коплетното доловување на атмосферата на внатрешните состојби на ликовите ги збогати впечатливата музичка изведба на Андријана Дукоска и нејзиниот инструмент, односно челото. Репризата на театарската изведба ќе биде наскоро најавена од организаторите.
Претставата немаше вистински крај, бидејќи истата неосетно се претвори во јавна дискусија поврзана со депресијата, причините за нејзината појава, начините на справување со оваа табуизирана тема во нашето општество.