Маријана Ѓорѓиевска, претседател на ПК „Мамути“ го искачи највисокиот врв во Германија, Жугшпице, по 18 часа искачување по дожд и крајно екстремни услови. По нејзиното враќање дома, направивме кратко интервју со неа за ова ново искуство.
Како започна оваа авантура за искачување на највисокиот врв во Германија Жугшпице ?
Оваа авантура требаше да започни од 24 август и да трае до 03 септември 2018 година и да се искачат 4 врва: 1 во Словенија – Триглав 2.864 мнв, 1 во Србија – Трем 1.810 мнв, 2 во Германија – Алшпиц 2.628 мнв и Жугшпиц 2.962 мнв и да се прошета кањонот Холенталклам (Hollentalklamm). Но временските услови не го дозволија тоа пришто нема разочарување, бидејќи планините се тука за нас, ние треба трпеливо да чекаме… Триглав два пати во месец август ми ги затвора своите врати и не ми дозволи да го посетам – така да овој врв го оставам за 2019 година.
Прв го искачи врвот Трем на Сува планина во Србија, како одеше искачувањето ?
Врвот Трем со висина од 1.810 мнв на Сува планина, Србија, во близина на Ниш го искачив на 29 август. Има прекрасна патека која води низ шумска корија, а потоа се оди по самиот гребен на планината при што се преминуваат 4 тераси. Поради недостатокот на време, ја поминавме пократката патека, а постои можност за движење по целиот гребен на Сува планина и покрај врвот Трем се искачуваат и Соколов камен и Мосор. Прекрасна планина со добри видици. Повторно би се вратила!
Кањонот Холенталклам беше едно од највозвудливите места кои ги посетивте во Германија, какво беше искуството ?
На 30 август од Ниш се упативме за Германија. По 20 часа возење, од кои 6 часа чекавме на Српско-Хрватската граница, стигнавме до градот Гармиш. Времето беше лошо, врнеше без престан. Поради тоа планот се промени и наместо да го качуваме врвот Алшпиц, поминавме низ возбудливиот кањон Холентал и се сместивме во истоимениот дом на 1.387 мнв. Силен дожд не следеше цело време – па поради тоа кањонот го доживеавме во неговата природна форма, како да бевме и ние дел од него. Искрено – ваква убавина до сега немав видено! Домот во кој се сместивме исто така беше нешто невидено, беше полуксузен и подобро среден и од оној на Мон Блан – Де Гуте. За среќа имаше сушална за облека и обувки па можевме да ја исушиме нашата опрема.
Кога и како започна искачувањето на Жугшпице ?
На 1.09.2018 во 7 часот се упативме кон највисокиот врв на Германија – Жугшпице. Надвор имаше пороен дожд. Секој нормален човек би се вратил во топлиот дом, но ние – 8 луди вљубеници на планината, меѓу кои само јас од Македонија се упативме кон врвот. По нормални услови патеката се поминува за 6 саати. Но нашите услови беа се – само не и нормални! Ни требаа вкупно 18 часа да се искачиме до врвот и да се вратиме до домот. Во домот стигнавме во 1 и 15 после полноќ, по 18 часа на силен дожд кој тежината на самата ферата дупло ја зголеми. Од врвот само еден се откажа и се врати со жичара до Гармиш. Слегувањето беше тешко, исцрпувачко, без доволно светлина. Поради поројниот дожд батериите на сите ни беа празни, опремата не издржа, бевме водени до гола кожа. Самата патека вклучуваше одење по сајла, искачување на вертикала, употреба на техничка опрема, преминување на глечер, прескокнување на пукотини – буквално имаше се само немаше рамнина и немаше сонце.
Единствено сонце беше нашето македонско кое ме огреа на врвот!!!
Дали за прв пат се соочуваате со вакво екстремно тешко искачување ?
Ова беше нешто ново за мене, нешто исклучително тешко, прв пат се соочувам со толку тешка ферата, а временските услови си го направија своето. Прекрасно искуство!
На самиот врв има прекрасен ресторан до кој се оди со жичара, кога јас и уште еден србин се појавивме на врвот, посетителите и вработените не ни веруваа дека доаѓаме преку „Ѓаволската долина“. Нивното работно време веќе беше завршено – но кога не видоа ни ги отворија вратите на ресторанот и не услужија со пица и пиво. Германците се чудо од луѓе! По саат и пол ни се придружија и остатокот од екипата.
На самиот врв дождот се претвори во снег и температурата беше околу -5. Кога се собравме сите, немаше многу време за губење, пола од работата беше завршена – остана уште половина, моравме безбедно да се вратиме до домот. Имавме 2 часа видливост, која мораше да ја искористиме за да ја поминиме вертикалата и да го преминиме глечерот бидејќи имаше премногу пукотини.
Свесни бевме дека немаме доволно светлина, па тоа дополнително ја отажнуваше задачата. Еден од планинарите се откажа и од врвот се симна со жичара, па поради тоа побрзо се движевме, баш како што пресметавме, глечерот го поминавме со дневна светлина, но покрај ноќта се појави и маглата кој ги сокри нашите отпечатоци по патеката кои вклучително со уште 5 геманци беа единствени тој ден.
За среќа се заврши во најдобар ред. Во 1 и 15 после полноќ се вративме во домот безбедни, гладни, но среќни. Немавме доволно време за одмор, а дождот не престана да паѓа, поради тоа го одложивме искачувањето на вториот врв Алшпиц.
Наредниот ден, 02.09.2018, повторно низ кањонот Холентал се симнавме до Гармиш и се упативме до нашите домови. После 31 час патување се вратив во мојот Прилеп, уморна но среќна, побогата за уште едно искуство и желна за уште врвови и вакви авантури. The show must go on!!!