„Обични профили“ – изложба на Глигор Кондовски во Србија, поголем дел од фотографиите се направени во Прилеп

Изложба на фотографии под наслов „Обични профили“, од македонскиуот уметник Глигор Кондовски, беше отворена во Меморијалната галерија „Душан Старчевиќ“ во Смедеревска паланка, Р. Србија. Тоа се фотографии кои се во вид на концепт каде една иста фотографија е половина во боја, половина црнобела. Поголемиот дел од овие фотографии се направени во Прилеп. Изложбата ќе биде отворена до 10.09.2018. Инаку ова е прва самостојна изложба на авторот Глигор Кондовски. Тој предходно изложувал во Музејот на Современа уметност – во Скопје, во склоп со фестивалот „Денови на разноликоста“.

 

„Фотографиите го отсликуваат животот во Р. Македонија. Генерално, тоа се фотографии на обични луѓе кои во секојдневието многу често знаеме да ги игнорираме и да не погледнеме, а тие се околу нас. Тоа се стечајни работници кои немаат пензија, деца кои просат по улици, бездомници. Тоа се профили на луѓе кои преку нивниот поглед го откриваме животот на луѓето кои секојдневно преживуваат за парче леб, луѓе кои целиот живот деноноќно аргатувале. Фотографиите се направени во Прилеп, Р. Македонија“, вели Кондовски.

 

 

 

 

М-р Катерина Момева за изложбата истакна дека темата на оваа изложба била да ни претстави портрети на личности, во нивната автентичност и спонтаност.

 

„Концепцијата е да се прикажаат документарни фотографии,  портрети на обични луѓе во секојдневниот живот – нашите баби, старци, жена, дете…случаен минувач…девојче што проси…продавач на пазар…Фотографиите се направени во црно-бела и во колор техника, со цел да се претстават двете лица на личноста и дуалноста на духот во својата природа, фотографирани во областа Варош во Прилеп. Поглед, насмевка, раце, мисла што останува недоречена во обид да се дофати индивидуата. Со црнобелата техника се дава поистанчена визура на наравот, карактерот, скриената лукавост на личноста, нагласена тага, нагласена радост, нагласени црти и засилена уметничка експресија и интенција. Фотографијата во боја е поверстична, се изразува афектот од боите на околината во која е фографиран портретот и за нијанса социолошкиот контекст станува појасен и се губи безвременоста на црно-белата техника, така што колоритната фотографија станува времена и конкретна. Колоритната фотографија повеќе буди импресии, суптилност и емоции. Истакнатата драматичност што се буди со црнобелата техника, со колоритната фотографија се менува во прозаичност на секојдневното живеење“, рече м-р Катерина Момева.

 

 

 

 

Инаку Глигор Кондовски е роден 28 април, 1980 година во Тетово. Дипломиран виолинист при ФМУ во Скопје,  завршува и втор факултет Филмска и ТВ режија при ФДУ во Тетово, Македонија. Магистрира Филмско и ТВ сценарио при ФДУ во Скопје, во класа кај Проф Д – р Сашко Насев. Моментално работи како професор по виолина во ДМУ “Тодор Скаловски – Тетоец” во Тетово, Македонија. Има издадено два музички албума: „Crumbly secret”, 2008 и “Flown letters”, 2012 под Austrian Digital Label „KVZ LTD Music”. Има работено музика за театар и филм во Шпанија, Србија и Хрватка. Има изложено фотографии во склоп на „Денови на разноликоста”, во МСУ во Скопје, 2017 година. Со неговиот документарен филм „Постојам” се појавува на фестивали во Хрватска, Италија, Бугарија, Србија.  Како активист на МОФ има работено документарни и играни филмови со тематики кои ги засега социјалното општество и инфраструктруни проблеми на градот Тетово и пошироко низ Македонија.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи