Пандев: Оваа генерација е зрела за нешто големо!

Facebook
Twitter
Email
Print

Во дуел на двата главни кандидати за првото место во групата, Македонија во Скопје со 2-0 триумфираше над Ерменија во второто коло од Лига на нации.

 

Горан Пандер, кој го изнуди пеналот за првиот гол и беше стрелец на вториот гол за црвено-жолтите не го криеше задоволството од прикажната игра.

 

„Одигравме два натпревари и помина супер, бевме фаворити и добро е што го оправдавме тоа. Мислам дека оваа генерација е зрела да направи нешто големо. Одиме натпревар по натпревар, за брзо време ќе одиграме уште два натпревари на кои може да го обезбедиме првото место, а оттаму со ладни глави и со поддршка од навивачите да се обидеме да обезбедиме пласман на едно големо натпреварување“, истакна капитенот Пандев.

 

За Езџан Алиоски кој придонесе со по еден погодок во првите победи над Гибралтар и Ерменија и кој покажува одлични перформанси како во репрезентацијата, така и во неговиот клуб Лидс, истакна дека неговите голови секако радуваат, но уште поважни се победите на македонската А репрезентација.

 

„Головите се лична работа, најважен е успехот на националниот тим. Ние ги остваривме тие две победи во кои успеав да му помогнам на тимот со моите голови. Секако дека презадоволен сум, иако можеби некому ова изгледа лесно, тоа треба да се одработи на теренот. Верувајте ние за секој меч максимално се подготвуваме и се однесуваме професионално, така треба и да продолжиме. Се наоѓаме во добра форма, не ги потценуваме ривалите и ако така ги гледаме работите, можеме да направиме голем успех”, изјави репрезентативец на Македонија, Езџан Алиоски.

 

Елиф Елмас, најмладиот член на сениорскиот национален состав, потенцира дека целта е јасна, низ Лигата на нации да се избори пласман на Европското првенство во 2020 година и се надева дека македонската А репрезентација ќе продолжи со ваквите позитивни резултати на патот кон ЕП 2020.

 

„Би сакал Македонија да игра и на сениорско Европско првенство. Тоа е нашата цел, и среќни сме што остваривме две победи во овој прв сегмент од Лигата на нации. Но, не очекуваат уште четири меча и треба да продолжиме во ист ритам. Морам да кажам дека сум среќен што добивам шанса во националниот тим, исто како и во мојот клуб Фенербахче. Се трудам  да возвратам со добри игри“, изјави Елмас.

 

Следниот трет натпревар од групата 4 во Лигата „Д“, избраниците на селекторот Игор Ангеловски ќе го играат на 13. октомври на „Филип Втори“ Арената – Скопје против Лихтенштајн.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи