Почнаа најголемите воени вежби во историјата на Русија

Facebook
Twitter
Email
Print

Русија денеска официјално почна со најголемите воени вежби во својата историја, кои НАТО ги осудува како проба за „конфликт од големи размери“. Речиси 300.000 војници се вклучени во сите видови на воени единици, повеќе од 1.000 авиони, хеликоптери и беспилотни летала, 36.000 оклопни возила, 80 воени бродови и бродови за поддршка.

 

 

Во маневрите ќе учествуваат органите на воената управа, единиците на Источниот и Централниот воен округ, силите на Северната флота, единиците на воздушно-десантните сили и воено-транспортната авијација на воздушно-космичките сили на Русија.

 

Масовните воени вежби, во кои учествуваат кинеската и монголската војска, наречени се „Исток-2018“, а ќе траат до 17 септември во источен Сибир и во рускиот Далечен исток.

 

Руската војска оваа демонстрација на својата сила ја спореди со „Запад-81“, воена вежба, во која пред речиси 40 години беа мобилизирани помеѓу 100.000 и 150.000 војници од Варшавскиот пакт во Источна Европа, што претставуваа најголемите воени вежби организирани во советската ера.

 

На вежбите „Исток-2018“, Русите ќе го прикажат целиот свој воен арсенал: Ракети способни да носат нуклеарни боеви глави, тенковите Т-80 и Т-90, односно најновите борбени авиони Су-34 и Су-35.

 

Главната цел на вежбите е проверка на подготвеноста на органите на воената управа, поточно во планирањето и групирањето на трупите на оддалечени локации, организирање на соработка помеѓу копнените групи и поморските сили, а главните штабови ќе добијат пракса и ќе ги усовршат своите вештини за водење на војската, пренесуваат светските медиуми.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи