ВИДЕО – 30 дена притвор за полицаецот убиец од Битола, ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од Спасовски

30 дневен притвор доби 24 годишниот полицаец од Битола, Енвер Т. кој во петокот го изврши грозоморното убиство врз својот сограѓанин 36 годишниот Бекир Алили на патот кој води кон прилепското село Беловодица. Притворот ќе се извршува во Казнено поправната установа Затвор Скопје. МВР му поднесе кривична пријава за сомнение за сторено дело убиство.

 

 

 

 

Инаку од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски да си поднесе оставка поради тоа што не се водело сметка за психичката состојба на вработените во полицијата, а граѓаните чувствувале страв и несигурност.

 

„МВР мора да одговори дали нивниот убиец ги минал задолжителните медицински прегледи? Кој го пуштил? Отворено прашуваме, зошто МВР не ги соопшти мотивите на бруталниот убиец? Дали мотивот се пари и изнуда? Дали истиот тоа го правел и претходно и му било редовна пракса? Како е можно МВР да нема макар оперативна информација или сомнеж за криминалот на својот вработен? Како тогаш граѓаните да очекуваат дека Спасовски е способен и има волја да собере информација и да се бори со било каков криминал кога не знае што му се случува внатре во министерството со кое што раководи и воедно го одобрува истото?“, рече Димче Арсовски, ВМРО-ДПМНЕ.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија и тоа дека во МВР моментално владеел хаос и безредие на сите нивоа, а на улиците царувал криминалот.

 

Според информациите на МВР убиецот требало на Бекир Алили да му продаде возило „Голф 5“, а биле договорени во Беловодица да се сретнат со сопственикот на возилото. Кога стигнале таму полицаецот го убил Алили со службениот пиштол застрелувајќи го со 4 куршуми, а потоа го запалил неговото тело и му ја одзел чантичка во која имало 4.000 евра, пари кои му биле предвидени на Алилии за купување на возилото.

 

Но за точните мотиви за убиството допрва треба да покаже истрагата. Инаку вчера убиецот пред обвинителството во Прилеп се бранел со молчење.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи