Со потпишувањето на овој договор конечно го решивме прашањето на македонскиот идентитет, на македонскиот народ, на македонскиот јазик, историјата, традицијата, културата и наследството. Затоа почитувани одговорноста е кај сите нас овде. Сега е време, кога секој од нас треба да се одважи и да донесе исправна, храбра одлука. Истакна на вечерашниов собир „ЗА Европска Македонија“ градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.
„Доста беше изолација, доста беше неизвесност, доста беше криење, нема повеќе време за тактизирање почитувани. Ова е историска можност и не смееме, а и нема да ја пропуштиме. Имаме две можности, напред или назад. ВМРО-ДПМНЕ стои во место, закопан во своите ровови и заради сето тоа, за ситни партиски интереси повикува да одиме назад. Назад е слеп пат почитувани, нема назад. Назад не одиме, ќе одиме само напред, нашиот пат е напред“, рече Јованоски.
Јованоски истакна дека Македонија морала да биде членка на НАТО. Прашањето за мирот, стабилноста, територијалниот интегритет, безбедноста на Македонија со тоа ќе се затвореле.
„Тој проблем е решен. Како земја членка на НАТО, во иднина никој не може да посегне по македонската безбедност. НАТО не е само безбедност, НАТО значи и гаранција на капиталот, што значи голем број на инвеститори, а новите инвестиции значат влез на современи технологии, знаења и искуства, поголем економски развој, а исто така и нови работни места и повисоки плати. Тоа значи дека нашата младина ќе оди во западно-европските земји, но со цел да стекне дополнителни знаења и вештини и ќе се врати овде, во својот град, во својата татковина“, додаде Јованоски.
Според Јованоски ова прашање не било партиско туку сега станувало збор за интересите на државата.
„Зборуваме за сите граѓани на државата, за просперитетна иднина на сите наши поколенија. Сите заедно се залагаме Македонија, со решен спор за името, да стане членка на НАТО и ЕУ. Придобивките од членството во ЕУ се многубројни, ги знаеме сите, присутни се во сите сфери на општественото живеење. Прво претпристапните фондови за влез во ЕУ се достапни за земјоделците, а сите знаеме ние сме земјоделска држава. Освен зголемувањето на субвенциите, современи знаења и прозиводствени искуства, се отвора и голем европски пазар, што е доволна гаранција за сигурен пласман на квалитетни македонски производи“, рече Јованоски.
Јованоски ги повика сите граѓани на 30 септември да гласале ЗА иднината на Македонија.