Изложба на уметницата Симона Јакимовска во Прилеп

Во среда 3 октомври 2018 во 12.30 часот во  галеријата од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложба на графики од уметницата Симона Јакимовска, која ќе се претстави со 25 дела. Според Роберт Цветковски, историчар на уметноста, изложбата содржи графики и цртежи работени во периодот од последните неколку години и ја отсликуваат моменталната тематско-техничка окупираност на Симона Јакимовска.

 

Од приложеното на прв поглед можело да се констатира хетерогеност во тематско-изразна смисла, што говори дека процесот на интроспекција и себепозиционирање е во тек што, пак, е вообичаено за млад автор којшто трага по својот ликовен израз.

 

„Она што е константа кај Симона Јакимовска е нејзиното разбирање на веќе усвоениот графички јазик којшто се изразува преку линии, точки, боени површини, “објекти“ ставени во определени композициско-просторни контексти и сето тоа заедно се дава, навидум, како една апстрактна претстава којашто добива смисла и логика со самиот наслов на делото. Тука се и препознатливите знаци во темата “Infiniti“ а во темата “Зелена бесконечност“ се јавува и асоцијативно- фигуративна претстава (стилизирана животинска глава) како асоцијација на поврзаноста на животот со движењето и вечната промена. Интересна е и темата “Поврзување“ којашто на многу едноставен и директен начин асоцира на денешните модерни технологии преку кои светот денеска е поврзан и е одличен пример за моќта на графичкото изразување кое истовремено може да биде апстрактно, деконструирано и редуцирано до максимални можни граници, но и многу разбирливо. Можеби и вредностите на овие материјали лежат во нивото на читливост, позиционирано за просечниот консумент којшто најдобро ги разбира универзалните знаци и симболи – пристап којшто се чувствува во скоро сите дела на Симона Јакимовска. Она што излегува од овој концепт е, секако, делото “Вилинско коњче“: една експресивна дијагонала изведена во акварелен манир, во која можеме да ја почувствуваме енергијата на младата авторка. Таа тенденција се забележува и во најновите дела од темата “Движење“ (дела работени со туш и акрил на Fabriano хартија) во коишто прецизните енергични движења на потезот креираат илузија на трансфер на енергија и експлицитно движење на понудените елементи во вид на линиски, полукружни и кружни ентитети отсечени од интегрираниот и многу сложен творечки универзум, но и од оној реалниот со којшто сме постојано опкружени“, вели Цветковски.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи