Меѓународниот суд на правдата (МСП) им нареди на САД да ги укинат санкциите кон Иран, кои се однесуваат на увоз на хуманитарна помош и производи и услуги поврзани со безбедноста на цивилното воздухопловство.
Во привремената одлука, судот наведе дека Вашингтон мора „по сопствен избор да ги отстрани препреките кои произлегуваат од повторното воведување санкции врз извозот на медицински апарати, храна, земјоделски производи и резервни делови и опрема потребни за безбедноста на цивилното воздухопловство“.
Исто така, ограничувањата во увозот и купувањето стоки „за хуманитарни потреби“, како што се прехранбените производи и лековите за спасување животи, како и третманите за хронични заболувања или превентивна нега и медицинска опрема, може да имаат сериозно влијание врз здравјето и животот на Иранците, заклучи судот.
Американскиот претседател Доналд Трамп во мај донесе одлука повторно да воведе санкции кон Иран, откако САД се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор.
Техеран во јули поднесе жалба против Вашингтон, велејќи дека со повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор, САД го прекршиле Договорот за пријателство, економски односи и конзуларни права, потпишан во 1955 година.
Тогаш, пред повеќе од 60 години, страните се согласија да поттикнат „заемно корисна трговија и инвестиции“ и да одржуваат „поблизок економски однос генерално меѓу своите народи“.