Со несекојдневниот спектакл, претставата „Огнена приказна“, на прилепската група „AGNI FIRE DANCE“ започна уличниот фестивал „Со Марко на улица“. Драмскиот огнен театар AGNI засега брои само 4 членови и е прв од ваков вид во Македонија. Пораката на оваа нивна претстава била светлото што секој од нас го носел во себеси да го ослободува и на другите, а не да го чува во себеси.
„Целите ни се да стигнеме до тој момент за да можеме да креираме толку голем огнен театар за да може да се претстават повеќе точки во еден исти момент. Да станеме дел од една таква организација која ќе биде единствена од таков вид во Македонија“, рече Филип Мирчески, член на групата „AGNI FIRE DANCE“.
Фестивалот „Со Марко на улица“ е во организација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп и се одржува за прв пат, а неговата идеја е преку современите уметнички текови и модерните технологии да се направи реактуализација на лицa и дела поврзани со Прилеп, а на овој прв фестивал тоа е ликот на Марко Цепенков.
„Ќе имаме театарски работилници, мануелни работилници за деца, работилнициа за текстил, работилница „Аутомата“ која што ќе ја поврзе уметноста и технологијата. Потоа се дневните кино сеанси, во соработка со два фестивали од Македонија „Winter apricots“ и „Македокс“. Цртање на мурали, потоа имаме 2 студиа за визуелизации. Секоја вечер ја завршуваме со главен концерт и имаме студио за боди пејтинг“, изјави Звонко Димоски, организатор на фестивалот.
Фестивалот ќе трае 3 дена и се очекува да има огромно иновативно влијание на целокупното културно живеење во државата.
ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА ЦЕЛАТА ПРЕТСТАВА „ОГНЕНА ПРИКАЗНА“ !