ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО – Студио за body painting во Прилеп на фестивалот „Со Марко на улица“

За прв пат во Македонија и тоа во Прилеп на фестивалот „Со Марко на улица“ публиката ќе може да види студио за body painting или филмска шминка. Уметникот Сашо Мартиновски вели дека ова е за прв пат да има вакво јавно изложување на оваа уметност кај нас. Моделот, Даниела Иваноска, ја претставувала шумската кралица Вања Ханаласиел, што во превод значело „Убавото чисто срце“.

 

 

 

 

„Конкретно ова што го работиме е раѓањето на Вања Ханаласиел, што во превод значи „Убавото чисто срце“. Идејата е добиена уште откако ни беше зададена задачата за овој проект конкретно и инспирацијата од Марко Цепенков. Листајќи низ фолклорот на Марко Цепенков ми се вроди оваа идеа конкретно да се роди токму овој лик, да го искреирам и тоа да биде најубавата шумска кралица, која што е видлива само за оние со чисто срце. Вања Ханаласиел денеска ќе биде видена пред публиката, а нејзината порака е љубовта, чистината, човечноста и задржувањето на суштината која што ја имаме како луѓе, како битија, како суштества. Ова заправо не е класичен боди-пејнтинг, ова повеќе е филмска шминка, со многу мал дел на боди-пејнтинг“, рече Мартиновски.

 

Според него со минимални средства успеале да направат совршена маска која може да се види низ филмовите и театрите.

 

„Body painting е веќе претставување на фотографии преку телото, цртање, тоа е веќе влез во една друга уметност. Ова е извадок од еден мал дел на Body painting, со филмска шмника, или маска“, рече Мартиновски.

 

Моделот, Даниела Иваноска, рече дека е почестена што за прв пат е дел од овој креативен процес.

 

„Прв пат се сретнувам со еден ваков креативен чин, кој што буквално трае цел ден. Задолжена сум како модел, мојата задача ќе биде вечер да ја оживеам оваа прекрасна Вања и да му го дадам она што од секогаш на човештвото му треба, љубов. Не е едноставно, меѓутоа возбудата и отвореноста кон оваа соработка ги прави работите лесни, креативни и најверојатно, едноставно тврдам дека ќе имаме прекрасен производ вечерва. Ве поканувам сите да бидете дел од една голема љубов“, рече Иваноска.

 

Како комплетно ќе изгледа моделот публиката ќе може да види вечерва во 20.30 часот во домот за култура Марко Цепенков во Прилеп.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи