Советот на министри за надворешни на ЕУ во Луксембург денеска усвои нов режим на санкции за спречување на употребата на хемиско оружје, јави дописничката на МИА од Брисел.
Отсега ЕУ ќе биде во можност да воведе санкции врз лица и ентитети инволвирани во развивањето и употребата на хемиско оружје, без разлика на нивната националност или локација.
Санкциите ќе можат да се однесуваат и на оние кои даваат финансиска, техничка и материјална помош или пак оние кои охрабруваат, асистираат или се поврзани со развој на ваквото оружје, соопшти денеска Советот.
Санкциите ќе се состојат од забрана за патување во ЕУ и замрзнување на имот за лица и ентитети.
Со ова ЕУ одговара на сѐ почестата појава на употреба на хемиско оружје во ЕУ и надвор од неа, како во Солсбери или Сирија.