ВИДЕО – Несекојдневен мултимедијален концертен перформанс во Прилеп – „Сонувања за заборавеното“

Прилепската публика синоќа имаше можност да ужива во еден несекојдневен мултимедијален концертен перформанс насловен како „Сонувања за заборавеното“ кој се одржа во киното Мис Стон. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија, а тој се случува во рамки на манифестацијата „Нов културен бран“ 2018 година. Концертниот перформанс се базираше на комбинација на повеќе музички стилови, во кои доминира изведба на класична „западна“ музика од 17 и 18 век, кон која како еден можен контрапункт беа вклучени нејзините источни „паралели“, потипични за поднебјето кое не’ oпкружува, а тоа се традиционални стилови на пеење, изворното и византиско пеење.

 

 

 

 

„До реализација на проектот дојде во соработка со повеќе уметници од Прилеп. Проектот е поддржан од манифестација Нов културен бран од Министерството за култура. Во соработка со Димитар Ѓорѓиевски, инаку беше моја идеа, Димитар Ѓорѓиевски е режисер. Прво го замисливме како класичен концерт, меѓутоа покасно решивме да вклучиме и народни и византиски напеви, како една споредба на периодот од 17 и 18 век, на запад и исток, ако може да се направи една таква паралела, бидејќи музиката во Македонија не е доволно истражена. Во тој правец би продлабочувале понатаму во некој нареден проект“, истакна Aна Митоска Стојаноска – сопран.

 

„Па да биде нешто поразлично, нешто необично тука во Прилеп, а и во Македонија. Сепак ренесансна музика малку помалку ја има и помалку е застапена и се работи помалку. Спонтано се собравме и предлогот на колешката дали може ова да го направиме, да пробаме, видовме дека може да се вклопи, дека можеме да живееме во тоа и се реализира како што сакавме“, вели Катерина Попоска – мецосопран.

 

На сцената освен пеењето имаше и игра, како и глума, рецитирање и наратори. Публиката беше воодушевена, а салата во кино Мис Стон беше претесна за да гии собере сите оние кои сакаа да уживаат во овој настан.

 

„Јас сум гостинката од Скопје, малку да го прошарам составот, да не биде само прилепски. На покана и идеа од Ане, кога зборувавме уште од летото, а и претходни години имаме зборувано за некој сличен проект. Имаме соработувано во студентските години, а и тука концертирано во Прилеп кога таа даваше солистички концерт. Кога ја кажа таа идеа и кога видовме дека воедно почнуваат и конкурсите во Министерство за култура за Нов културен бран, рековме да, сигурно, зошто да не направиме. Од таа едноставна нејзина идеа, проработи визијата и не спои сите и уште додаде и некои елементи. На крајот имавме и игра и глума на сцена, рецитирање, наратори и сите тие елементи што придонесоа да биде ваков мултимедијален концерт и перформанс. Мене ми е многу мило и знам дека публика уживаше затоа што салата беше исполнета до последното столче и се надевам дека ќе имаме прилика да истото го повториме и во другите градови и тие да гостуваат во Скопје“, кажа Верица Шотаровска – пијано.

 

Режисерот на овој прекрасен мултимедијален концертен перформанс упати апел до Министерстовото за култура да одделува повеќе средства затоа што со со овие суми со кои сега се помогале ваквите проекти неможело да се направи буквачно ништо доколку сите во проектот не работат бесплатно. Целиот проект министерството го поддржало само со сума од 20.000 денари.

 

„Сега ние ги измешавме малку работите, правевме распоред на барокна музика и пандан на македонската музика што се појавува во периодот на барокот, бидејќи кај нас немало официјално барок. Сега овој цел настан е финансиран донекаде од Министерството за култура, ама толку се јадни средствата кои ги дели министерството, за чудо е и неверување како еден ваков јавен настан, со толку луѓе, може да се реализира, да кажеме точна цифра, за 20.000 денари. Толку пари се дадени од Министерството за култура, а ова би коштало некаде околу 3 ипол – 4 илјади евра. Да не се овие прекрасни луѓе, кои пееја без пари, осветлуваа без пари, музичкиот дел беше без пари, озвучувањето итн. Значи ова сето е на добра волја и на едни прекрасни индивидуалци кои ги има Прилеп и Македонија. Така да, апел до Министерството за култура, ако дава пари нека дава пари, да не се зафркава.

 

Учесниците во проектот се надеваат дека истиот ќе имаат можност да го претстават и во другите градови на Македонија.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи