Со поразот од Франција вчеравечер со 2-1, првпат во историјата Германија запиша шест последовни неуспеси во една календарска година. Пред Франција, тимот на Јоаким Лев губеше и од Бразил, Австрија, Јужна Кореја, Мексико и од Холандија.
На вкупно 11 натпревари, Германија победила само на три и тоа многу тесно, од по 2-1 против Саудиска Арабија и Перу на пријателски натпревари и против Шведска на Светското првенство во Русија. Момците на Јоаким Лев имаат и ужасна гол-разлика на овие 11 натпревари. Германија примила вкупно 15 голови, а постигнала само девет. Само на еден натпревар Германија ја сочувала својата мрежа годинава и тоа против Франција на домашен терен во првото коло од Лигата на нации.
До крајот од годината, Германците ќе се соочат со Русија и со Холандија и ако не ги победат „лалињата“, ќе бидат исфрлени од дивизијата А во Лигата на нации.