Шпанскиот плејмејкер Цеск Фабрегас од денеска е официјално носител на два светски рекорди во Гинисовата книга на рекорди. Попладнево тој ја доби втората плакета која му се доделува поради тоа што е играч кој успеал најбрзо да стигне до 100 асистенции во Премиер лигата.
Рекордот беше поставен уште одамна, на 31 декември 2016 година, кога Фабрегас му асистираше на Вилијан во натпреварот против Стоук кој заврши со победа на Челзи со 4:2.
На Цеск Фабрегас му беа потребни 293 натпревари за да стигне до бројката од 100 асистенции. Тој успеа да стигне до стотката за 74 натпревари помалку од дотогашниот рекордер Рајан Гигс, на кого му требаа 367 натпревари за да стигне до оваа бројка.
„Не сум најбрз, ниту најсилен фудбалер. Не сум најфлексибилен и не скокам највисоко. Но, овој рекорд е една од најголемите работи што ми се случиле во кариерата, бидејќи тоа значи дека добро си ја вршам работата“, изјави Фабрегас откако му беше доделена плакетата.
Ова е второ впишување во Гинисовата книга на рекорди за Цеск Фабрегас, откако тој за првпат беше впишан таму во 2017 година, кога го сруши рекордот за најмногу волеј-додавања за 30 секунди, кога со Џејми Реднап успеаја да разменат 15 такви додавања.