Војници од земјите членки на НАТО и земјите партнери ја започнаа најголемата воена вежба на овој сојуз последните децении, во близина на границата со Русија, којашто исто така минатиот месец одржа масовни маневри.
Оваа воена вежба на Алијансата ја сочинуваат 50.000 воен персонал од 29 земји членки на НАТО, заедно со земјите-партнери Финска и Шведска, а ангажирани се околу 65 бродови, 250 авиони и 10.000 возила. Планот е вежбата да трае до 7 ноември и се одржува во областа на централна и источна Норвешка, северниот дел на Атлантскиот Океан и Балтичкото Море.
Алијансата ја информираше Русија, која се граничи со оваа земја, за вежбата Trident Juncture 2018 и ја повика на надгледување, на што Москва се спротивстави.
Официјално, маневрите не се насочени кон ниту еден потенцијален напаѓач. Меѓутоа, со оглед на со години растечките тензии, се работи и за демонстрација на сила и испраќање сигнал на заплашување во насока на Москва. Од политиката на Русија се чувствуваат загрозени пред сѐ Полска и балтичките држави – Литванија, Летонија и Естонија. Тие од НАТО бараат вооружување и поголемо присуство. Оттука, не е случајност што маневрите се одржуваат во земја која има заедничка граница со Русија.
Воената вежба доаѓа само една недела откако претседателот на САД Доналд Трамп соопшти дека тие се повлекуваат од договорот со Русија за нуклеарни сили на среден дострел. Тоа може да предизвика војна, изјавија официјални лица од Москва, и побараа свикување на седница на Советот за безбедност на ОН.
Американското повлекување од спогодбата за нуклеарно разоружување ќе доведе до трка во вооружувањето и до исклучително опасна ситуација, изјави рускиот претседател Владимир Путин. Тој предупреди дека европските земји кои ќе дозволат на своја територија распоредување американски ракети мора да сфатат дека постои можна закана од некаков одговор и оти руските ракети ќе бидат вперени кон нив.